четврток, 14. декември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Грузија ќе не нападне без Шенгелија, но со Шермадини

Грузија ќе не нападне без Шенгелија, но со Шермадини

Грузискиот селектор Илијас Зурос го објави поширокиот список на кошаркари на кои смета за претстојните дуели против Македонија, во квалификациите за Светското првенство во 2023 година. На списокот има 16 играчи, а во тимот го нема кошаркарот на ЦСКА, Торнике Шенгелија. Рускиот гигант има натпревар и в четврток и в недела за кога се закажани дуелите меѓу Грузија и Македонија и тоа прво со Баерн, а потоа со Барселона.

Први ѕвезди во грузиската селекција се кошаркарот на Тенерифе, Ѓорги Шермадини кој лани беше прогласен за МВП на сезоната во шпанското првенство и некогашниот играч на Карпош Соколи, Тед Мекфејден кој неколку години со голем успех игра во АЦБ лигата, прво во Бургос, а сега во Мурсија. Американецот со грузиски пасош беше член на Карпош Соколи три месеци во 2017 година кога почна пропаста на овој клуб, по што прво замина во Грција, па во Кина и потоа во Шпанија. Со Бургос два пати триумфираше во Лигата на шампионите на ФИБА и беше прогласен за МВП на завршниот турнир.

На списокот има уште еден кошаркар кој настапуваше во Македонија, поранешниот играч на МЗТ Скопје, Георге Цинцадѕе, но тој беше член на клубот од Аеродром помалку од еден месец во 2014 година и не остави никаков впечаток.

Конечниот список за првиот дуел со Македонија ќе биде објавен на ден пред натпреварот, а можно е за патувањето во Скопје да има и промени.

СПИСОК НА КОШАРКАРИ
Георге Цинцадѕе
Ѓорги Шермадини
Бека Бурјанадѕе
Дуда Санадѕе
Тед Мекфејден
Михеил Беришвили
Мераб Боколишвили
Илија Лондаридѕе
Бека Бекаури
Ѓорги Корсантија
Кахабер Јинчаридѕе
Гиви Бакрадѕе
Отар Пхакадѕе
Лука Мазијашвили
Акаки Двалишвили
Николоз Гаприндашвили