Оревите, лешниците и ф’стаците се богати со разни хранливи материи, но за индиските ореви велат дека се вистинска ризница на здравје.
Нутриционистите тврдат дека една од најголемите здравствени придобивки кои ги има индискиот орев е тоа што го спречува размножувањето на слободните радикали кои се виновни за брзиот развој на малигни болести и за процесите на стареење.
Индиските ореви се богати со витамините А, Б2 и Б1 како и железо, селен, палмитолеинска и олеинска киселина, со аминокиселината триптофан и уште низа други протеини и корисни минерали.
А како влијаат врз нашиот организам?
Го намалува крвниот притисок
Редовната консумација на индиски ореви е поврзана со пониски вредности на крвниот притисок, покажуваат резултатите од истражувањето објавено во магазинот „Current Developments in Nutrition“. Вклучувањето индиски ореви во исхраната може да ги подобри вредностите на горниот и долниот крвен притисок, но и да го намали нивото на триглицериди.
Го намалува нивото на холестерол
Ако јадете индиски ореви секој ден наместо ужина со голема количина на јаглехидрати, ќе го намалите нивото на холестерол во крвта. Важно е да знаете дека 60 до 100 грама од овој плод неделно (или 5 до 8 плодови на ден) се доволни за да ги извлечете придобивките од него.
Го регулира нивото на шеќер во крвта
Индискиот орев содржи незаситени масни киселини кои благотворно влијаат и врз нивото на шеќер во крвта. Тој придонесува и за намалување на нивоата на триглицериди и го штити организмот од понатамошни компликации поврзани со високите нивоа на шеќер и холестерол. Со секојдневно консумирање индиски ореви значително се намалува ризикот од појава на дијабетес тип 2.
Добро е познато дека храната може да го забави стареењето на организмот и дека лицето е одраз на она што го јадеме. Лекарите советуваат по 50-та година од животот задолжително да вклучите јаткасти плодови во своето мени – освен што ја одржуваат кожата млада, тие ги нормализираат и проблемите со спиење кај жените во менопауза.