Куркумата е популарен зачин со портокалова боја кој се користи за подготовка на разни јадења. Освен тоа, од него може да се подготви и златно млеко, кое е одличен напиток за зајакнување на имунитетот, а се прави и чај од куркума, кој има и голем број здравствени придобивки.
Куркумата во оваа форма се консумира илјадници години. Во ајурведската медицина, овој чај се нарекува и халди или манџал.
Како да направите чај од куркума?
Овој чај може да се направи на неколку начини. Можете да користите рендан корен од куркума, прав или зачин од куркума или купен чај од куркума што доаѓа на големо или како кесичка чај. Не постојат строги прописи за тоа колку од овој чај може да се пие дневно, но најдобро е да се пие до три пати на ден. Чајот ќе има необичен земјен, но и слатко-горчлив вкус на кој треба да се навикнете, а и бојата ќе биде посебна.
Затоа во шолјата можете да додадете некој друг чај како зелен, црн или некој овошен чај, заедно со куркума. Покрај чајот, во цедениот сок од портокал можете да додадете и куркума.
Во било каква форма да ја имате куркумата, за да направите чај со неа, прелијте врела вода со една лажичка куркума, покријте ја шолјата и оставете ја да отстои околу десет минути, по што може да се пие.
Во чајот може да се додадат малку мед и лимон, а доколку сакате дополнително да ги подобрите придобивките од чајот, можете да изрендате и малку корен од ѓумбир. Некои луѓе сакаат да додадат малку млеко во чајот од куркума. Ако сакате куркумата подобро да се апсорбира од телото, додадете малку бибер.
Чајот може да се пие топол или ладен.