недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Босанците поради беспарица нема да играат во олимписките квалификации

Босанците поради беспарица нема да играат во олимписките квалификации

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина во кошарка нема да се натпреварува во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри во Париз поради финасиски проблеми на федерацијата.

Одамна е познато дека кошаркарската федерација на БиХ мака мачи со финансиските проблеми кои од година в година уште повеќе се таложат. Федерацијата никако не може да крене глава од долгови, а неколку босански и хрватски медиуми ја пренесуваат веста дека го откажале учеството на националниот тим во циклусот што треба да се одигра за пласман на олимпискиот турнир следната година.

„Постојат повеќе причини за откажувањето. Првата е секако од финансиска природа. Да не се лажеме, имаме долгови, а тие ни задаваат големи маки. Исто така не е познато дали сите кошаркари ќе го прифатат повикот од селекторот. Некои од нив се крајно разочарани и тоа е сосема оправдано“, изјави претседателот на кошаркарската федерација на БиХ, Далибор Милош.

Од федерацијата се убедени дека најголемите ѕвезди како Џанан Муса од Реал Мадрид и центарот на Портланд, Јусуф Нуркиќ, нема шанси да се појават на собирот, затоа што двајцата моментално се на одмор и се подготвуваат за најважните клупски предизвици сезонава.

На минатото Европско првенство федерацијата им ги исплатила хонорарите и наградите на играчите дури откако започнал континенталниот собир, а постоеле и други периоди кога едноставно не можеле да ги покријат сите трошоци, плати и премии, предвидени со колективните договори.

Турбуленциите не се смируваат, а дел од медиумите велат дека наскоро федерацијата ќе се обиде уште еднаш да седне на маса со политичката елита во БиХ и да се обидат да изнајдат решение за непријатната ситуација во која се наоѓаат.