Тимот на Мајами го исфрли еден од кандидатите за титулата во НБА лигата Милвоки победувајќи го со 128-126 по продолжение и со конечни 4-1 во серијата се пласираше во полуфиналето на Источната Конференција.
Милвоки имаше предност од 16 поени во последната четвртина како и 118:116 на половина секунда пред крајот за Џими Батлер да обезбеди продолженија.
Повторно Џими Батлер беше незапирлив и постигна 42 поени и 8 скока, Гејб Винсент реализираше 22 поени, а Бам Адебајо забележа трипл-дабл учинок од 20 поени, 10 скока и 10 асистенции.
Кај поразените најдобар беше Јанис Антетокунмпо со 38 поени и 20 скока, додека Крис Мидлтон постигна 33 поени.
Во вториот синоќешен натпревар од Источната конференција, Њујорк славеше на гости кај Кливленд 106:95 и ја доби серијата со 4:1.
Џејлен Брунсон постигна 23 поени, Реџеј Барет додаде 21 поен.Никс помина една пречка во плејофот и за прв пат се најде во полуфиналето по 2013 година.
На Западот, Мемфис убедливо победи на домашен терен против ЛА Лејкерс 116:99 и со тоа ја намали негативата во серијата на 3:2, додека Голден Стејт победи на гостувањето кај Сакраменто со 123:116 и поведе со 3:2 во серијата откако губеа и со 2-0.
Дезмонд Бејн со 33 поени и 10 скока и Џа Морант со 31 поен, 10 скока и 7 асистенции го предводеа Мемфис до победата и продолжување на серијата која сега се враќа во Лос Анџелес. Најефикасен кај Лејкерси беше Ентони Дејвис со 31 поен и 19 скока, додека Остин Ривс постигна 17 поени.
Вориорс до победата ги предводеше Стеф Кари со 31 поен и 8 асистенции. Клеј Томпсон постигна 25 поени, а Дрејмонд Грин реализираше 21 поен.