четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Каква партија е ВМРО-ДПМНЕ?

Каква партија е ВМРО-ДПМНЕ?

Ако Македонија традиционално страда од погрешни луѓе поставени на погрешни позиции, веќе извесно време сликата е надополнета со апатичност која го има зафатено народот до тој степен што во неколку наврати се покажа дека не може да се формира критична маса што ќе предизвика промени. Промени кои ќе ја ослободат државата од сите оние појави и процеси кои систематски ја уништуваат. Кој е виновен за ваквата ситуација?

Читајќи можеби помисливте дека алудирам на вината на народот. Погрешно. Народот е таргетот кој треба да се ослободи. Многу малку се работи токму на народот. Виновници за состојбата во која западнавме како општество има многу, но за нив во друга прилика…

Би сакала повеќе да се задржам за состојбата на претстојните локални избори. Како кандидат за советник во Општина Штип под реден број 15 ќе кажам збор-два за себе, за моите мотиви и настојувања…

Како доктор по економски науки ме плаши фијаското во кое тонеме на економски план, ме боли секое изгубено работно место на македонскиот работник. Уште тој ни остана, а на добар пат сме да го загубиме… Како член пак на највисоките партиски тела на партијата ВМРО-ДПМНЕ,  неподнослива ми е сликата на спинувана јавност во корист на паразитите кои го цицаат организмот на државата, вештачки креираното расположение за парализирање на граѓаните и нивната иницијативност, подмолно подривање на темелите на самочуствие, борба за опстанок и достоинство.

Одлучив да се ставам на располагање на граѓаните, да придонесам да се разбијат предрасудите и со својот пример да придонесам да се напуштат најчесто употребуваните флоскули од типот:

  • Идеологија одамна не постои, политичарите се борат за власт.
  • Цело време се едни исти се тапаат за функции, обичниот член/грѓанин не може да дојде на ред.
  • Укини им ги парите ќе видиме кој ќе сака да биде советник/пратеник и сл.
  • (И што е најважно) СИТЕ СТЕ ИСТИ!

Но исти ли сме?

Распространето е убедувањето дека политичките партии се претворени во гнезда на лукративни гмизавци, одродени поединци спремни на се за да ја соголат државата. Но еве, ВМРО-ДПМНЕ со свој пример покажува дека негува поединци доследни на определувањето, подготвени на труд и отпорни на притисок, во кои тлее идеологија наспроти лична корист.

И ако ме прашате каква партија е ВМРО-ДПМНЕ, ќе ви одговорам – ете таква. Партија која изобилува со поединци кои не се штедат и се спремни да вложат СЕ, а да не добијат ништо за возврат, да се стават во служба на граѓаните и да се борат за подобро утре. ВМРО-ДПМНЕ е партија која жилаво се бори со спинови на дневна основа, но не се откажува од можноста еден ден да блесне во полн сјај, да го извади на површина сиот свој кадров капацитет и да го стави во служба на државата.

Ете таква партија е ВМРО- ДПМНЕ.

Граѓаните ќе ја препознаат надежта дека се уште постои и ќе ја дадат својата поддршка за да опстои.

Се обраќам до вас гласачите.

Поединецот го гледа светот преку призмата на генерираното искуство. Колку повеќе разочарувања износени на сопствени плеќи, толку позатемнето е стаклото низ кое гледате. Не сте виновни вие за вашиот светоглед, но виновни ќе бидете ако не се потрудите да видете…

Можев да не прифатам, но решив да се борам. Да го вложам секој дел од моето битие да ги подобрам нештата. За оние кои се прашуваат и кои бараат скриени намери еве, ќе бидам јасна. Немам никакви барања, ниту лични очекувања… не барам ниту компензација за (како што обично е пракса) за она што ќе го одработам за овие избори вложувајќи го мојот труд и име на советничката листа. Одбивам да бидам директор, не очекувам вработувања (ни лични, ни фамилијарни). Единствено сакам да ја вратам довербата кај народот и да им покажам дека се уште имаат избор. Идеологијата не е изумрена работа, иако тешко се воочува во оваа магла од спинови и нечист воздух.

И ако се уште ви стои неодговорено прашањето зошто се одлучив на ваков чекор?

Одговорот е многу едноставен.

НЕ МОЖАМ ДА ИЗДРЖАМ ПОВЕЌЕ ДА ГЛЕДАМ ЖИВИ ЛУЃЕ КАКО ГОРАТ!

Ако и вие истото го чувствувате, придружете ми се. Заокружете бр. 7! Одлучете се за ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори. Заедно да ја износиме оваа битка!

Дојдено е време кога не може веќе да се чека некој друг да ги промени работите.

Дојдено е време кога треба да почнеме од себе, од изборите кои ги правиме и одговорностите кои ги преземаме.

Чекорот што треба да го направиме зависи од нас, нашата желба и потреба за промена.

Јас го направив мојот, а вие?

Д-р Христина Серафимовска, кандидат за советник во Советот на Општина Штип