Државата, тоа сум јас. Ова е познатата реченица на најсамобендисаниот владетел во светот, францускиот крал Луј 14-ти, познат и како кралот Сонце или Луј Великиот. Цели три века подоцна, еден муртински спахија и алаш-вериш чушка бизнисмен во 10 броја поголеми опинци (башка железни) од оние кои треба да ги носи, ја продолжува мисијата на Луј. И црпнатиот премиер Зоче Први Великиот демек да ти бил држава. Сепак, овој нашиот трагикомичен мојтипантоновски лик е кралот Зајдисонце. Соодветно, оти се’ што е македонско за што се фати го изеде помрачината. Башка, на крај на кариера, во залез/зајдисонце е ЗЗ…
На страна што, ако си спомнувате, самобендисаниот кооперант до вчера за себе зборуваше самобендисано во трето лице еднина, па велеше: „Зоран Заев нема да го даде името на своите прадедовци, глупости!“ Ај што го даде, го продаде за пуста фотелја незаслужена, туку меѓу продажбата на националните светии малку и еволуираше пустиот муртинец. Па така, од трето лице еднина премина на прво множина. Сега, Зоче е НИЕ. Нормално, по урнекот на омилениот му Луј 14-ти, лик за кој некој одамна му раскажал во паузата меѓу продавање вреќи чушки, владеел кој милувал за себе да вели НИЕ. Знаете, она кога ЗЗ ги направил првите два милиони марки (од пиперки?!?!), па уште 16 (8 милиони евра) од Глобал итн., итд. и др. Па по толку мултиплицирање евра, нормално е и човечето да стане множина, нели…
Ок, факт е дека не го бивало за ништо, освен за дубари, ујдурми, мајтап и малверзации, ама бил многу послушен, најбитниот квалитатив во неговиот успон кон муртинските височини, трон ли. Немал скрупули, емпатија кон сопствениот народ уште помалку, а за срам никогаш и не знаел. Совршени предиспозиции за улогата која му ја наменил еден волшебник од СВ/ОЗ, кој го црпнал од струмичката градоначалничка фотелја (второ црпнување по она од нивата) и поради горенаведените подобни одлики го стокмил да ја води државата. Во пропаст…
И така, Зоче Великиот донесен со театарска Деус екс макина (т.н. „Божја рака“, која и не е така Божја), си терал веќе четири години, изигрувајќи паша без одговорност на подарениот му пашалак, преминувајќи од трето лице еднина во фаза на прво лице множина…
Та денеска, запрашан „Размислувате ли да дадете оставка поради трагедијата во Тетово?“, со сиот ум, Заев алијас ’Ние, кралот Зајдисонце’, насмејан под мустаќ одговара: -Не размислувам. За што да дадам оставка? За да Мицко дојде на власт? Не размислувам…
Фалеше уште „ние не размислуваме“, но ај што кралот Зајдисонце се издаде дека не размислува, факт кој и не беше тајна според сите му претходни зло/дејанија, ама екс Царот муртински призна и дека сега себеси се гледа како државата. Нова фаза во неговата еволуција. По него, потоп. А уште една работа која ги спојува со Кралот Сонце е тоа што тој станал владетел на 4 годинки, т.е. бил дете, па друг ја водел државата. Така и Заевче, недораснат и на 47 години, изигрува Англиска кралица, трепка со очињата и рачето на срценцето, па та прима Авганистанци, та менува име, Устав, те носи двојазичност, се’ оком-скоком…
Само, не дај Боже да бидат исти и по нешто друго. Кралот Сонце владеел неверојатни 72 години. Ајде, Кралот Зајдисонце да истера само 18-тинка од оригиналот и да застане на четири.Од НАС, множина, зависи дали ќе го вратиме во прво лице еднина. Крал Сонце (владеење 1643-1715), Крал Зајдисонце (2017-2021)…