среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Осудивте невин човек, друже судија!

Осудивте невин човек, друже судија!

Трајко Вељаноски е осуден без никаква вина. Вашата осудителна пресуда е политичка. Можеби Вие и не сте сосема виновни за тоа, но дилеми нема – ова е класичен политички реваншизам и брутална одмазда спакувани во вид на судска пресуда.

Видете вака, друже судија…

Јас не можам и не сакам да тврдам ништо во врска со евентуалната вина на Миле Јанакиески, на Спиро Ристовски и на тој Владимир Атанасовски (кого ни површно не го познавам) за организирањето на насилствата во македонскиот парламент на 27 април 2017 година. Би можел само да го споделам мојот впечаток, кој е поблиску до тврдењето на сведокот Зоран Заев, дека Миле и Спиро сепак не биле организатори на обидот за пуч. Но, велам, не сакам да обзнанам личен суд само врз основа на написите на пословично површните и неретко навивачки настроени известувачи од македонските медиуми од Вашата судница.

Сепак, кога станува збор за Трајко Вељаноски и за неговата улога во настаните, се сметам за квалификуван набљудувач на процесот. Единствената „вина“ на Вељаноски, всушност, е што цврсто и доследно се држел до словото и до духот на собранискиот деловник и не прифатил да воведе нова пракса да ја укине дебатата во парламентот, за да се реализира планот за „мирен трансфер“ на власта, на фамозната конститутивна седница со која тој претседавал. Трајко, всушност, е „виновен“ што не се согласил да го прекрши деловникот (како што било барано од него и како што веројатно било опортуно) и тоа е единствената причина поради која сега, со Вашата пресуда, друже судија, тој официјално е прогласен за – терорист.

Кога прв пат го сретнав Вељаноски, за да се запознаам со детаљите на предметот „Организатори на 27 април“, од него побарав да ги прочитам и обвинението и неговата одбрана. Нашиот договор беше мошне едноставен – ако јас се посомневам дека човекот можеби е жртва на нефер прогон, тој ја презема обврската да ми ги даде на увид списите и записниците од текот на сите судски расправи. Ќе си земам слобода да претпоставам дека за овој случај можеби имам прочитано повеќе од Вас, друже судија – сите записници за текот на „спорната“ собраниска седница, сите записници од сведочењата и вкрстените испитувања на сведоците и уште мал милион други „папири“. И затоа, велам, се сметам за квалификуван посматрач на судењето на мојот „клиент“ Вељаноски.

Од таа неформална позиција, значи, со сиот мој капацитет да ги разберам релативно едноставните правни квалификации во скудното обвинение и одговорите на одбраната, како и изјавите на сведоците (безмалку сите се во прилог на невиноста на обвинетиот, вклучително и исказите на Заев, Оливер Спасовски, Талат Џафери и на други пратеници од тогашната опозиција, но и од тогашната власт), сакам уште еднаш да ја опоменам македонската јавност дека поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски е осуден без вина!

Повторувам јасно и гласно, Трајко Вељаноски е осуден без никаква вина!

Конститутивната седница човекот ја водел беспрекорно. Немал апсолутно никакви контакти со насилниците и никакви суштински контакти со лица за кои обвинителството се сомнева дека биле организатори на насилствата во парламентот. Тој е жртва на едно лажно сведочење на сведок чија ролја во овој процес е демаскирана и сведокот успешно и уверливо е дискредитиран. Па дури и тоа сведочење да е точно, на никој начин не го поврзуваат обвинетиот со активности кои можат да се доведат во врска со битието на кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.

Се согласувам јас, друже судија, со Вашето тврдење дека „државата се брани со срце со ум, со државни потези, а не со насилно влегување во парламентот и со тепање пратеници“. Се согласувам и со Вашето тврдење дека на 27 април уставниот поредок бил загрозен. Јас своевремено за тој чин кажав многу потешки зборови. Државен удар, на пример. Но, Трајко Вељаноски нема врска со сето тоа, тој не е учесник во никаков план за спречување на мирниот трансфер на власта. Доказната постапка покажа дека било сосема обратно – собранискиот спикер вложил огромен труд, време и трпение и ја употребил сета своја вештина за да спречи тензиите на конститутивната седница да ескалираат. За жал, на 27 април 2017 година бил немоќен.

Државата се брани со државни потези, а правдата со докази, со непристрасност и со принципиелност, друже судија!

Вашата осудителна пресуда е политичка. Можеби Вие и не сте сосема виновни за тоа, но дилеми нема – ова е класичен политички реваншизам и брутална одмазда спакувани во вид на судска пресуда!

Трајко Вељаноски е „виновен“ исто толку колку што бил „виновен“ и Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, во 1946 година осуден на 11-годишна затворска казна поради наводен обид за бегство во Грција. Ако Апелацискиот суд не ја собори Вашата пресуда, друже судија, Трајко Вељаноски ќе лежи во истиот затвор во кој лежеше и Ченто, а Вие ќе ја понесете „славата“ на судиите што го осудија првиот претседател на Президиумот на АСНОМ – Панта Марина, Коле Чашуле (постариот) и Лазар Мојсов.

А јас сум сигурен дека и Вашата пресуда, друже судија, еден ден ќе биде укината како што беше укината и пресудата за Ченто и дека за тоа нема да мора да чекаме половина век.

Како и да е, од денеска, 26 јули 2021 година, Трајко Вељаноски е најмаркантната фигура на македонската политика којашто неформално, а верувам наскоро и формално, ќе го понесе епитетот политички осуденик и жртва на политички прогон. Останува само пустата надеж дека некој во последен момент ќе се сепне и нема да дозволи тој да стане и политички затвореник.

Ги пишувам овие редови свесен за фактот дека сум безнадежно осамен во мојот отпор против сфаќањето на правдата како одмазда, против политиката „че си лежите“ како суштина на „реформите“во ресорот правосудство, против апсанџиството како политичка филозофија и против сеирот и злорадоста како доминантен дух на македонското „граџанство“, инволвирано во политиката на најбрутален можен начин – преку еден организиран линч на политичките неистомисленици, во медиумите и на социјалните мрежи.

Но, не е важно кој е осамен, а зад кого клика толпата и во едно заглушувачко стампедо гази се пред себе, друже судија. За мене осаменоста е природна „агрегатна“ состојба. Не знам за вас. И не е ни битно.

Битно е само едно, друже судија – Вие и јас знаеме дека денеска осудивте невин човек…

Пишува: Бранко Героски за ПлусИнфо