Ескобар доаѓаше, Венко заминуваше. Вака Македонија ја дочека неделата. Заедно со уште триста зелени бљувотини истресени од Заев, разбира се. Оти, крајот делото го краси, чуло некаде црпнатото чедо, па морало да замине ко што дојде. Со глупости. А тие, пак, го одбележаа целото негово „владеење“. Од почеток до крај. Да, велат и дека по утрото денот се познава. А, Зорановото утро на 27 април тешко дека некој ќе го заборави, нели…
Арно ама, промуќурното муртинско алаш-вериш бизнисменче сфатило дека сега ќе има повеќе време со Филипчо да возеле мотори? Демек, Зоче без Венко никаде не оди, и обратно, па дуото другарчиња со ќеф го предале/продале местото на најлошиот министер за здравство во историјата на Македонија. Не дека не плачеле со другарче Венко, вриштеле, коси кубеле, го нуделе Маричиќ, па Бочварски, Димитров, Спасовски, ама јок, Гаши пустиот не попуштал. Го таксал Сали за ресорот на Венкота и точка. А ЗЗ толку добродушен, не можел да не даде. Така даде и име, историја, јазик, не па здравство. Размислил – Филипче за опстанок на владата му непрокопсана или одење во опозиција, а Венко уште министер? „Математиката“ и сметката биле повеќе од јасни. И така, корона кралот на Македонија се збогува со фотелјата. Не дека ќе ви фали, нели…
Велат дека за збогум од министерувањето немало да му дадат часовник, ниту златник. Јок. Ќе му дале позлатен кабел. Поневин од оној колегата му од Тетово, башка подолг. Со порака, што знае нека прави со него. А идолот му Заев се пофали и пак излажа дека почесто ќе возеле мотори, оти кога биле премиер и министер, демек, немале време?! Цццццц. Па Зоране, со Венкота возевте без исав ко зевзеци и кога 40-на луѓе умираа од корона, се мафтосувавте по државава со цели кордони полиција пред и по вас, трошевте државни ресурси ко да ќе нема утре. Па и хеликоптерите ги навасавте, кога умре чичкото од кратовско, ви текнува?
И реченицата која, за да не заборавите со која дилајла си имате работа, Зочето ја смисли за гудбај. Муртинхаузеновска генијална збогум-сентенца за Фичо: „Како неврохирург може да биде корисен за здравјето, но има одлични знаења кои може да бидат употребени во периодот на општествено ниво.“ Кх, кх, кх, аман другарче не ме фали. А отвори уста, блеска пустиот, зевзекштината едноставно извира од него. Сакам речам не знам кажам е малку за некого…
И, другарче, прво, кога кажуваш ТАТКОВИНА, тоа од тебе толку грдо звучи, не ти стои, ко слон во пижами си, не го валкај зборот возвишен со својата валканост и антинационална празнотија. Второ, и ти нема да ни фалиш, ама ич, иако Заевизмот нема да замине со тебе, оти крајот ви се гледа и џабе ви се „алтернативниве“ патишта и партнери. Трето, си ја кажа маката – „нема потреба од предвремени избори.“ Има, ЗЗ, има и набргу ќе ве нема. „Мнозинството“ и сега ви е оксиморонски малцинско, минимално, на стаклени нозе. И четврто, не лажи Заевче, мотори нема да возите со Венкота, доаѓа зима „моторџијо“. Толку разбираш, а толку и ти сече, ама мотори не се возат на снег и на минус 10. Џабе ти опрема од илјадници евра, освен ако „бемвето“ не го направиш санка од 30-на илјади евра. Интересно, но Македонија и не случајно со тебе е заглавена ко „Возот в снег“…
А Гаши, е тој супер ти стои. И ти на него, ко саливени сте си, фантастично си прилегате. Ултра тезгари и пазарџии двајцата, убава кариера ве чека по политичката. На Бит-пазар. Небаре, две лица на една иста паричка. Ти три пати аболиран, изгореник за власт кој ја продаде сопствената нација, име и устав, а тој новопечен пазарџија „сончоглед“ кој инстант ќе влезе во политичката историја – пред еден месец гласал за недоверба на влада, направил кариера ругајќи го Али, фрлал со дрва и камења по нив, за да следниот месец со насмевка влета со 120 км/ч во истата таа направија. Башка, со тројца министри, од кои еден моравте и да го измислите за да му „учините“. Аферим, Африм, аферим и Зоран, би ви рекол Макијавели, кој може само вода ви носи. Со цистерни…
Исти сте, навистина, а сега по „дилот“ ко ќе ве погледнам, на близначиња ми заличувате. Тројка, со Вице, нормално. Велат дека секогаш е така, некому ќе му се стемни за да на друг му се раздени. Африм солидно ја продаде и закопа Алтернатива за век и веков, правејќи ја привезок на ДУИ, Зочето ќари уште некој месец за преживување на владата му шалабајзерска и неспособна, Алија доби шанса да ја разруши албанската опозиција и да владее уште 20 години.
Сето тоа арно, ама со енергетска криза на повидок, економска во тек, здравствена во полн сјај и национално-историска во крешчендо, не ви се пишува баш најарно. Ни нам, да бидемеискрени. Всушност, мислите дека Зоче и Вени бадијала бегаат, демек така апансас и сефте во животот токму сега им текна да бидат доблесни, си к’снаа бананче па оние кои гребеа, гризаа, клоцаа и кубеа за власт сега се трансформираа во, демек, великодушни и одговорни политичари? Ѓоамити муртински Кире Бананамени? Јок, политикантите непрокопсани фаќаат усвета од она што следува. Црна се чума заддава над Македонија, нечиј владин брод ќе тоне, а познато е дека стаорците први го напуштаат. Велат и дека ендемскиот вид северни стаорци кои егизистираат само во Македонија, биле апсолутни шампиони во тој спорт…