Додека Јотова, госпожата со фризура од 1970-те и световни погледи од 19-от век, го демантираше Бугар Османи дека уставните измени ќе бидат последната софијска антимакедонска зезалица во преговорите со ЕУ, Стево глумеше државник и жалеше што не можеле да бидат со одложена примена, Маричиќ кукаше по возот кој пак му избегал, а Таче го правеше она што најдобро го знае. Се силеше и продаваше тестиси за бубрези. Неуспешно и под цена, како и секогаш..
Во тоа македонско секојдневие/нова ненормалност, воопшто не зачудува ренесансата на уште една ступидна ретро-појава, атавизам од минатото.
Се шетам така по Камени мост, кога…
Верувале или не, шибицари вртат тоа ќибричињата и викаат: „Где је лопта, где је лопта! Ајмо, пробајте си ја среќата! Ајде народе, два-еден за оној кој ќе погоди! Ајмоооо, газда полудео!““
Триеш очите, ама не, шибицарите се’ уште се таму. Ги загледуваш, се приклучуваш на два-тројцата „заинтересирани“, глумејќи дека те привлекла „играта“ и им ги загледуваш фацките. И што да видиш, истите оние фацки кои минативе триесет години си ги гледал на истата локација (мора да е нивна територија), саде малу остарени, побелени, обезабени и здебелени. Не бадијала, уште „где је лопта“ викаат. По навика. Занает си е занает…
И кога мислиш дека никој веќе не паѓа на овие прастари финти, гледаш една будала која наседнува на „спектаклот“ кој претходно го изведоа и во кој соучесникот (децениски уигран со побратимот шибицар од екипата) „ќари“ 500 евра.
Прва помисла ти е, абе, да не е продолжение на навлекувањето, зарем уште постојат вакви шапшали? Арно ама, човечето губи 300 евра по што тие се пакуваат и фаќаат магла по викањето „иде полиција, магла“. По фацката кисела му гледаш дека му се плаче и дека не е дел од екипата белосветски измамници кои децении обитаваат во околијава…
Враќајќи се накај дома, ти светнува дека шибицарите кои по долги години повторно се кај Камени, имаат соодветен пандан на политичката ни сцена. Во СДССССС. Таму шибицарите и измамниците се на сцена и во елитата цели 32 години. Финтите се исти, а тие ѓоамити калапени…
И во северното дувло, исто како кај шибицарите, преовладуват најбезобразните, најагресивните и најупорните. Така, по Бранко/Папа, Бучко/Гаргамел и Рада/Прада, тронот се почесто го преземаат најдно-дна шибицарчиња. Нивото им падна исто ко и рејтингот на СДСССС, во минус. Време на искомплексирани и инфантилни преваранти без скрупули и чест, а срам уште помалку. И така, по Муртинхаузен, би Ќуран.
Истата уиграна измамничка екипа политикантски шибицари која цели три децении ја уништува Македонија , македонските светии и идентитетските одредници.
И не чудете се кои будали гласаат за нив. Исто како и кај шибицарите, секогаш и во СДСССС ќе се најде/приклучи некој нов абдал желен за брза заработувачка. Разликата со оригиналните шибицари е што нивните жртви секогаш остануваат со кратки ракави. Комуњаро-северџганистанските „жртви“ и не се така жртви, им останува работа „на државно“, унапредување или, макар, најава за истото. А мотивот за влез во северната шибицарија е ист како и на оние од Камени, како и во првата професија во историјата, да направат парички без мака…
Уште една работа ги спојува двете „жртви“. На оние на оригиналните шибицари им е срам да кажат кој и како ги заебал, па и кога ќе дојде полиција, гледат во небо и се прават недоветни. А во нив, длабоко во себе им се плаче од мака, би рикале и кукале на цел глас измамените ајвани, ама не смеат. Срамота е…
Така и „жртвите“ на северните политички шибицари. Ќе ги излажат со вработување или унапредување, ќе си гласаат ко попчиња, ги донеле политичките шибицари на власт, и оп, сега? Е сега после онакво нема каење. Оти, северџганистанците не им кажале дека ќе менуваат име на држава, дека ќе внесуваат Бугари во устав, дека ќе дигнат цени 102 насто. И така, шарените „жртви“ на северните шибицари од срам ќе си молчат, ќе се кријат, исто како вистинските шибицарски несреќници од Камени. Или од мака ќе рикаат ко магариња и ќе тврдат дека ги излажале, дека шарената дееволуција не била со тие премиси, дека идејата била сосема друга, итн., итд. и др… А вистината е дека бевте глупави, ко ноќ. Вистински резил. За фамилија, за нацијата, за државата…
И затоа, армијо за една употреба, следниот пат не паѓајте на финтата „Где је лопта?“ Аман.
Топчето, никогаш и не било во кибритчињата. Секогаш е во рачето на шибицарот. На Таче, Заев, Стево, Маричиќ, Спасовски и на останатите политикантски шибицари и измамници. Ја местат во „кибритчето“ кое им одговара, а вие секогаш губите, ајвани. Со вас и МАКЕДОНИЈА.
Време е да го сфатите тоа, крајно…