среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Таче сонува дека е Таше

Таче сонува дека е Таше

Во Дипломатската академија во Виена, уште долги години ќе се раскажува за настапот и простатилакот на еден балкански палјачо-премиер, приземен хохштаплер кој при предавање пред ценетиот аудиториум со англиски акцент прикладен на пакистански таксист во Њујорк глумеше мотивационен говорник. Патетичен перформанс при кој северниот оратор така остроумно срочи: „Предизвиците ги решаваш со разум и со МАДИЊА за носење одлуки!“

И стана Таче за да го види виенска сала…

На страна и кочијашкиот вокабулар на престолонаследникот на Заев, но да не отидеше во Виена, веројатно никогаш немаше ни да дознаеме дека истиот имал мадиња/храброст, особено што неговиот животопис го покажува сосема спротивното. И додека се чудите од каде па сега Таче испадна ташаклија и истовремено ви се зголемува дилемата од кога тоа во Македонија кукавичлукот може да биде храброст, ви текнува дека ова не се македонски вредности. Јок. Да, Таче зборува за вредностите во она на „С“. И ви олеснува, ви паѓа каменот…

Во таа имагинарна единица која опстојува и вирее само во главите на Тачевци, Заевци и Артановци, владее превртена психолгија. Таму,  сервилноста, кукавичлукот и безрбетноста се знаци на најголема храброст. Во северната направија, предавството на сопствениот народ и држава се најголемата жртва што некој може да ја направи, а продажбата на сопствената историја, револуционери и светци е крешчендото на доблеста, крајна саможртва за која на северџганистанците им требале огромни мадиња (акординг ту Таче) и неизмерна, невидена во светот храброст. Најверојатно затоа што и не постои…

Да, Таче да ти бил похрабар дури и од сопствениот создател и гуру Црпко. Не верувавме дека мајка таков родила, ама Ќуран во неколку наврати (и наноси) успеа да не демантира. Видовме дека похрабра кукавица од него нема, емпириски докажано на терен.

Се сеќавате на триумфализмот, озареноста и високо дигнатите рачиња на Таче кога успеја насила и среде протести да го протне најглупавиот и најантимакедонски Француски (читај бугарски) предлог во собрание? Тоа да ти било од огромната храброст…

А, трократното бегство од избори кое почна со него, влезот на Алтернатива, излезот на Беса, па сега на новите лузери Алијанса и давањето на се’ што смее и не смее на „партнерите“ од  ДУИ и албанскиот блок? Да. И тоа било не од страв, туку од хероизмот и мадињата на Таче.

Кмичењето околу Петков кој од срам го сечеше од официјални фотографии, та скокањето околу Радев и ултра-резилот со Рама кога се кљафтеше како недозреан на шегата дека е западнобугарски премиер? Тоа, исто да ти било од храброст, не од неизживеаност и сервилност.

А, кога изиграваше лидер и ги стануваше Цаци, Бочварски и компанија за да ги види Сала? Или кога Ахмети му суфлираше што да каже на отворена сцена? Сето тоа да ти било предизвикано од херојството на ташаклијата.

Веројатно, нус-ефект на преголемата доза храброст која нон-стоп обожува да обитава во Ќуран е и мега-понизниот, катастрофален и робовладетелски договор со Бехтел и Енка под кој Македонија ќе стенка следнава деценија. Сето тоа да ти било причинето од нечии “мадиња’, оти во земјата во која бескичмењаците и кукавиците се пример за храброст, таа иста храброст одамна ја заобиколува таа иста држава. Исто како и правдата, разумот и среќата…

И додека Македонија со голема загриженост ја очекува најновата „храброст“ и уште понова багателна распродажба од репертоарот на горостасот Таче, ваквите забегани изјави и простатилоци само подобро ја демистифицират целата „евтиноќа“ на северната прикаска, пародија од протекторат во кој владеат оксиморони, државичка во која храбрите кукавици палат и гасат, парадоксална земја во која вртоглавиот пад на стандардот е придружен од уште повртоглав раст на цените и недвижнините, исконско тло навасано од модерни безрбетни слуги на новиот поредок. Тло на кое властодршците сонуваат да бидат она што не се и никогаш нема да бидат. Храбри.

Земја во која исто колку што Таче е Таше, толку и Македонија е северна…