Зошто да трошите пари на кокосови бомбици купени во продавница кога можете сами да си направите за помалку пари.
Кокос бомбиците се омилено уживање за многумина.
Сепак, тие не се многу евтини кога ќе ги купите во продавница. Тогаш зошто да не ги направите сами, бидејќи освен што ќе заштедите пари, од смесата ќе добиете дури 30 бомбици.
Состојки:
200 гр бело чоколадо
200 мл слатка павлака
100 гр кокосово брашно
30 лешници
кокосово брашно за валкање
Подготовка:
Загрејте ја слатката павлака, па прелијте ја врз белото чоколадо. Добро измешајте да се растопи чоколадото. Во садот со растопената чоколада истурете го кокосовото брашно.
Промешајте и оставете ја смесата целосно да се излади. Потоа со раце направете топчиња, а во средината ставете по еден лешник.
Готовата бомбица извалкајте ја во кокосово брашно и наредете ја на чинија.
Пријатно!