Вкусни воздушести крофни, чоколадни бисквити, сладолед, колачи, гумени бонбони… Секој од нас има „слаба точка“ кога се во прашање слатките, иако сме свесни дека уживањето во нив е ужас за фигурата, а главниот виновник е секако шеќерот.
Само оние кои се обиделе целосно да го исфрлат додадениот шеќер од нивната исхрана знаат колку тоа може да биде тешко и предизвикувачко. Бидејќи шеќерот го има речиси насекаде, дури и во производите каде што не очекуваме да го најдеме.
Нутриционистката Лаура Бурак за „Eatthis.com“ издвои пет мудри начини како што полесно да го „симнете“ шеќерот и полесно да го изгубите вишокот килограми.
1. Заменете ги слатките со храна со природни шеќери
– Наместо торта, чоколадо, бонбони или сладолед, јадете овошје – советува Лаура.
Пожелно е да се јаде храна која содржи природни шеќери, дури и во рамките на порестриктивните диететски режими.
2. Користете поздрави алтернативи
Доколку сте голем љубител на слатките, обидете се да ги засладите оброците, но на здрав начин. Нутриционистот предлага во храната или пијалокот да додадете цимет или какао, екстракт од ванила, путер од јаткасти плодови…
– Најдете храна која има барем мала количина на природни шеќери; со тек на време ќе ви се променат рецепторите за вкус и нема да сакате храна која е многу слатка – тврди нутриционистот.
3. Внимавајте што пиете
Газирани пијалоци, спортски пијалоци, сокови, кафиња, коктели… Само што ја прочитавте листата на течности кои се полни со шеќер и негови замени.
– Многу луѓе се шокирани кога ќе дознаат колку всушност шеќер има само во еден пијалок што често го консумираат. Затоа е важно максимално да го ограничите внесувањето на овие пијалоци и да се одлучите за вода, минерална вода, чаеви и незасладено кафе – советува Лаура.
4. Прочитајте што пишува на етикетите
Како и кај повеќето банкарски договори, најважните информации се напишани со најмали букви на етикетите на храната.
Производителите се трудат да не го пишуваат зборот „шеќер“, туку користат разни синоними – мед, меласа, сируп, засладувач, концентрат од овошен сок…
5. Споредете ги калориите
Не се сите калории исти – оние од овошјето и зеленчукот телото ќе ги третира поинаку од оние од индустриските производи.
Иако бројот на калории е ист за, на пример, крофна и зелена салата со јајца, авокадо, семки и маслиново масло, телото ќе има многу поголема корист од втората опција.
– Крофната главно се состои од додаден шеќер и заситени масти; не содржи протеини, па лесно ќе изедете три крофни наместо една. Тоа не само што ќе ви го зголеми шеќерот во крвта, туку нема да ве држи сити и задоволни, а тоа ќе доведе до глад и желба за храна – предупредува нутриционистот.