Време е на чварки, па зошто не би ги направиле овие вкусни погачици со чварки и свинска маст …
Потребно е:
1 кг брашно
2 јајца
200 мл кисела павлака
400 мл млеко
1 свеж квасец
сол
шеќер
40-50 гр мелени чварки
свинска маст по потреба (1-2 лажици)
Подготовка:
– Сомелете ги чварките и додадете сол и бибер по вкус и 1 лажица свинска маст. Измешајте убаво. Смесата треба да биде кремаста, па потреба додадете уште малку маст.
– Во малку млако млеко измешајте го квасецот и додадете 1 лажиче шеќер, 1 лажиче брашно и малку измешајте. Ставете го на топло за да стаса квасецот.
– Кога ќе стаса квасецот додадете го во брашното. Замесете тесто и постепено додавајте го млекото, солта, јајцата и киселата павлака. Измесеното тесто оставете го да стои на топло додека не нарасне убаво.
– Стасаното тесто развлечете го на набрашнета работна површина во форма на правоаголник. Сега тестото премачкајте го со смесата од чварки и благо притиснете ги со раце.
– Сега преклопете го тестото како на сликата.
– Левата страна на тестото преклопете ја до средината, а десната страна преку левата.
– Горната страна преклопете ја до средината, а долната преку неа.
– Оставете го да стои на топло и потоа повторно размесете го и повторно преклопувајте (барем три пати, во зависност од времето кое го имате на располагање).
– На крај развлечете го тестото со дебелина од еден прст и со чаша вадете погачици. Ставете ги на топло уште малку да отстојат.
– Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 целзиусови степени околу 30 минути. Можете да ги премачкате одозгора со разматено јајце.