Освен што се убави за око и имаат совршен вкус, малините се и многу здрави, па експертите ги препорачуваат како ужина во текот на денот.
Ова овошје нема многу калории – 100 грама има само 52 калории и затоа се препорачуваат за оние кои сакаат да ослабат. Покрај тоа, малините се добри за срцето, варењето, кожата. Еве уште неколку причини зошто ова летно уживање треба да се најде на вашата трпеза денес.
Полни се со витамини
Една порција малини задоволува половина од дневните потреби за витамин Ц, кој освен што ја поттикнува работата на имунолошкиот систем, е многу важен и за здрава кожа и производство на колаген. Малините се богати и со манган и со витамин К, без кој нема здрави коски. Покрај тоа, тие содржат и витамини Е и Б, магнезиум, бакар, железо и калиум.
Немаат многу шеќер
Малините се меѓу овошјата со најмалку шеќер. Една чаша свежи малини има само пет грама шеќер, за разлика од средно јаболко кое има околу дваесет грама шеќер. Ова ги прави совршен избор за оние кои се грижат за внесот на шеќер, а особено за дијабетичарите.
Превенција на дијабетес
Истражувањата покажаа дека консумирањето малини ја намалува количината на инсулин потребна за одржување на нивото на шеќер во крвта во здрави граници. Кај лицата кои јаделе две порции малини во текот на денот во текот на истражувањето, нивото на шеќер во крвта било пониско отколку кај испитаниците од контролната група кои не го јаделе тоа овошје.
Го забавуваат стареењето
Малините се мали „бомби“ од антиоксиданси, кои го намалуваат ризикот од срцеви заболувања, рак, дијабетес и гојазност. Антиоксидансите од малините ги спречуваат и воспалителните процеси во телото, кои се еден од предизвикувачите на предвремено стареење.
Добри се за варењето
Една чаша малини (100 грама) има осум грама влакна, што е една третина од дневните потреби. Храната богата со растителни влакна прави да останеме сити подолго време, да го држиме нивото на шеќер во крвта под контрола, да го успориме варењето и да ги решиме проблемите со столицата.