Во последните два дена од есенски Ноември во хотел Мериот во Скопје успешно се одржа четвртото издание на веќе реномираниот Скопски Вински салон – Винодонија 2019. Во проширена форма и похрабра програма од лани, со висок стил и елеганција, Винодонија 2019 уште еднаш го постави виното на заслужениот пиедестал и ја славеше неговата уметност.
На салонот за дегустација учествуваа рекордни 48 винарии од Македонија и странство и ги претставија своите 440 етикети на вино пред 1450 гости, вински љубители.
Освен одличните македонски вина од скоро сите домашни винарии, гостите имаа уникатна прилика да дегустираат и вина од Србија, Словенија, Црна Гора, Косово, Грција, Италија (и тоа од 4 нејзини вински региони), Франција и Шпанија. Целата винска програма беше „спарена“ од вкусни деликатеси сместени во гастро корнерот на салонот.
„Беше очекувано одлично и ова е дефинитивно најуспешната Винодонија досега“ – радосно ни изјави Александар Вучковски, директор на салонот и еден од организаторите.
Главната карактеристика на Винодонија за афирмирање и промовирање на малите бутик винарии од Македонија и оваа година се потенцираше преку присуство на дури осум нови вински брендови, а учеството на светски познатите вински ѕвезди како Ferrari и Mansalto покажува дека Винодонија се перцепира како сериозна платформа за претставување на регионалните и светски вински брендови пред македонската винска публика.
Како и секоја година, винскиот салон беше збогатен со едукативна програма составена од интересни и стручни предавања и работилници на кои што присуствуваа вински ентузијасти, но и млади професионални винари за кои што допрва ќе се слушне.
Познати, ценети предавачи, енолози и професори го споделуваа своето искуство и знаење со учесниците, со цел подобра винска едукација како основен предуслов за развој на винската култура.
Уште сега со нетрпение се чека наредната, јубилејна петта Винодонија 2020.