недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Млади таленти

Валентино: Во Македонија не бев почитуван, но со полно срце и гордост би играл за репрезентацијата

Валентино: Во Македонија не бев почитуван, но со полно срце и гордост би играл за репрезентацијата

Секогаш е добро да ги слушаме приказните на младите таленти од Македонија, но со сигурност впечатокот се намалува кога ќе дознаеме дека истите се повеќе почитувани надвор од нашите граници.

Валентино Каранфиловски, од блиските викан само Тино, има 18 години. Со својот талент и успесите, го заслужи своето место во рубриката на КУРИР за младите таленти кои со голема чест ги промовираме.

Тино е млад македонски кошаркар. Почнал да спортува на само 4-годишна возраст. Првата негова спортска љубов била каратето, но со баскетот во рака се пронајде себеси. Кошарка тренира осум години.

По успесите постигнати дома, тој одлучува да се пресели, да живее и работи во Унгарија.

Како се одвиваше твојата кариера во Македонија?

-Започнав во клубот КК Глобал таму ги одиграв моите први две сезони во македонската младинска лига, каде во првата сезона го освоивме четвртото место на Final 4 турнирот, тоа беше прв таков успех за таа екипа. Следна моја дестинација беше клубот од Ѓорче Петров КК Квиско Баскет каде што мојот талент и напорно тренирање излезе на виделина благодарение на моите тренери Митко Костоски и Марјан Петревски и секако подршката на моите родители, мојата прва сезона во тој клуб ја заќитив со второ место и сребрен медал, вели младиот талент за КУРИР.

Зошто одлучи во друга држава да ги бележиш успесите? Како дојде до тоа да отидеш во Унгарија?

-Бидејќи да останев во Македонија ќе бев обично дете со сонови, додека јас го одбрав патот да си ги остварам своите сонови каде што ќе ме ценат и почитуваат. До тоа да отидам јас во Унгарија ми помогнаа таканаречени скаути од кои ќе издвојам само еден Габриел Мишевски. Секако јас ја видов таа шанса и ми се оствари еден од моите сонови, вели Тино.

Во моментов си на Академија и ја завршуваш истата. Кои активности ги имаш овој период?

-Оваа ми е последна година во овој клуб „Кошаркарска Академија Ратгебер“, каде што дојдов во почетокот на 2016-та година. Овој период за мене е најтежок, бидејќи за 2 недели почнува големото финале на Унгарската младинска лига во Њиреѓхаза. За 3 недели ми предстои матура на унгарски и секако упис на факултет, истакна тој.

Кои се твоите најголеми успеси досега, тимски и индивидуални?

– Мојот најголем тимски успех досега е минатогодишното трето место на државното Унгарско првенство. Индивидуално се повеќе, но би издвоил два поголеми успеси како најдобар асистент на Евролига за младинци во Централна Европа и најдобар играч на турнир во Крагујевац која би му ја посветил на мојот покоен тренер Митко Костоски.

Кои се твоите планови за во иднина? Во кој клуб се гледаш себеси?

-Прв план за во иднина ми е да завршам факултет тука во Унгарија, каде што најверојатно ќе играм и во наредните 2-3 сезони. Секако себеси се гледам во некој од поголемите клубови во Европа, но има некој поголем од нас што одлучува за нашата судбина, истакнува Тино во изјава за КУРИР.

Што е со македонската репрезентација? Зошто не играш за некоја од помладите селекеции?

-Секако би ми било чест и гордост да играм за македонската репрезентација, две години во ред не бев повикан ни на поширок список, ни на пробен тренинг со што кажува колку сум “почитуван“ од страна на нашите стручњаци. На второто прашање би оставил да одговорат тренерите на младинските селекции.

Во минатото тренираше и карате. Зошто престана и до кој појас стигна?

-Престанав поради една причина, тоа се секако неправилностите во сите споротови во нашата држава. Во каратето не се пронајдов себеси и не пронајдов шанса да го покажам својот талент надвор од границите на Македонија иако стигнав до кафеав појас, заклучува Тино.
Што можеме ние да заклучиме од ова интервју? Македонија МОРА безрезервно да си ги почитува своите таленти. Младите спортисти, треба да дадеме се од себеси, да останат во својата држава.

Таква почит од страна на Македонија, од нив ќе биде возвратена со низа успеси и награди под македонско знаме.

Најнови вести