Постапувајќи по поднесена кривична пријава, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола донел наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
– На 28 ноември, на магистралниот пат Битола-Ресен, осомничената жителка на Ресен управувала автомобил „Мазда 3“ под дејство на недозволено количество од 0,98 грам промили алкохол во крвта. Во алкохолизирана состојба не ја приспособила брзината на автомобилот кон условите на патот – остра кривина и намалена ноќна видливост. Како резултат на ова возилото излетало надвор од коловозот на левата страна и удрило во заштитната ограда. Дел од оградата се откинал при ударот и навлегол во внатрешноста на возилото кон совозачкото седиште, а сопатникот во автомобилот се здобил со тешки телесни повреди на мозокот и починал, соопштија денеска од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.
По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Битола определил мерка куќен притвор за осомничената.