Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид и презема дејствија за утврдување на фактите за настаната тешка сообраќајна несреќа во близина на мостот „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје.
Првичните сознанија упатуваат дека до несреќата дошло кога автомобил марка БМВ со кумановски регистарски ознаки удрил во пешак кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот.
-По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства. Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата. Дежурниот јавен обвинител издаде наредба и за технички преглед на автомобилот, информираат од Обвинителството.