Стотина млади луѓе од цела Македонија се забавуваат на плажите кај Градиште во Охрид, без почитување на мерките за носење на заштитни маски и социјална дистанца. Тоа може да се види и од овие аматерски снимки, кои беа поставени на социјалните мрежи. Освен што се забавувале, полицијата на Градиште пронашла и марихуана, а повеќе млади лица на возраст помеѓу 15 и 23 години биле приведени во полицијата.
„СВР Охрид е постојано присутна на плажите кај Градиште, каде има поголеми присуство на туристи. Контролите на полициските службеници беа насочени кон лицата кои не носат заштитни маски, но при преземањето на мерките, беа приведени околу десеттина лица од Скопје и други градови, бидејќи кај нив беше пронајдена опојна дрога марихуана. Против нив се поднесени соодветни пријави. Станува збор за многу млада популација на возраст од 15 до 23 години“, рече Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.
Од пазарниот инспекторат во Охрид, подготвуваат кривични пријави за сопствениците на објекти во Градиште, кои ќе бидат поднесени до Основното јавно обвинителство. Велат на мал простор затекнале присуство на многу луѓе.
„Поради непочитување на мерките за заштита од корона вирусот, констатираната неправилност на недржење на дистанца, на непочитување на протоколот за послужување на гостите со седење, констатирани се неправилност кај објектите во Градиште, на плажа 2 и плажа 3 и се подготвува материјал за поднесување на кривична пријава против правните лица“, рече Цветко Ристески- пазарен инспекторат Охрид.
Биле поднесени и 12 прекршочни пријави во Охрид и 5 во Струга, против угостителски објекти и други локали во кои не се почитувале протоколите. Во изминатите 24 часа, полицајците напишале 170 казни за неносење на заштитни маски.
Инаку во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници констатирале 170 прекршоци за неносење лична заштита на лицето, од кои 90 во Охрид, 46 во Струга. Поголемиот дел се однесуваат на неносење маски на плажите.