Министерот за здравство Венко Филипче информира дека вчера од Амбасадата на Народна Република Кина било најавено дека во следните седум дена треба да пристигнат 500.000 вакцини „Синовак“.
– Секој понеделник пристигнува пратка на вакцините „Фајзер“ и тоа е согласно нашиот билатерален договор, дополнет со количината која доаѓа преку системот за солидарност на земјите членки на ЕУ, тоа се околу 10.000 вакцини. Веројатно и следните недели ќе биде таа количина. Дополнително, во јуни треба да пристигнат околу 100.000 вакцини преку КОВАКС механизмот. Сè уште немаме точен датум и динамика на пристигнување на вакцините. За руските вакцини уште немаме информации кога треба да ги очекуваме, соопшти Филипче.
За поголемиот број на граѓани кои треба да се ревакцинираат од 17 до 20 јуни во Србија, Филипче рече дека разговарал со неговиот српски колега Лончар, за нив да се организира вакцинален пункт, кој би бил поблиску до границата, во Врање или во Ниш.
– Има расположение од српската страна тоа да се организира и тоа е во насока на нашите добрососедски односи, вели Филипче.
Тој информира дека на веб-страницата за ревакцинација во други држави се пријавиле околу 1000 наши граѓани.
Министерот за здравство потенцира дека не постои граѓанин во државата на кој не му е обезбедена и втората вакцина.
– Како доаѓа која било количина на вакцини половината се планира за прва доза, а другиот дел за втората доза. Тој процес воопшто не е ставен под знак прашање, имајќи ги предвид сите одложувања апропо најавите дека вакцините ќе стигнат во еден временски период, изјави Филипче по денешната посета на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување.и