понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Близу 1.000 хоспитализирани: Болниците полни, состојбата со коронавирусот критична

Близу 1.000 хоспитализирани: Болниците полни, состојбата со коронавирусот критична

Состојбата со Ковид-19 е критична, а болниците веќе ги полнат сите капацитети, порача вчера министерот за здравство Венко Филипче, апелирајќи до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

Според вчерашниот медицински билтен, во болниците во земјава вкупно се хоспитализирани 973 заболени или сомнителни пациенти со Ковид-19. Поради се поголемиот број заразени на кои им е потребна хоспитализација, од саботата пациенти со Ковид-19 почнаа да примаат и интерните клиники на Клиничкиот центар во Скопје, каде има 150 болнички кревети.

Како што информира вчера Министерството за здравство во деноноќието меѓу саботата и неделата биле направени 2667 тестирања на Ковид-19, при што се регистрирани 978 нови случаи. Во исто време, Институтот за јавно здравје вчера регистрира 24 оздравени пациенти, додека починаа 26 лица инфицирани со Ковид-19.

Со овие последни бројки вкупната цифра на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата достигна 39760, од кои оздравеле 23035, 1136 починаа, а бројот на активни случаи изнесува 15589.

Министерот за здравство во порака до граѓаните предупреди дека пред нас веројатно е најтешкиот период на справувањето со пандемијата со Ковид-19.

– Барам сите да бидеме максимално одговорни и свесни за сериозноста на состојбата. Вирусот е широко проширен. Секое најмало невнимание или непочитување на мерките за заштита може да значи инфекција. Сега ни е потребна поддршка повеќе од било кога во изминатите осум месеци. Тоа што го бараме како здравствени работници е навистина малку – само да го штитите сопственото здравје, порача министерот Филипче.

Според Филипче, колку доследно ќе ги почитуваме мерките за заштита ќе биде одлучувачки за тоа колку дополнително ќе се жртвуваме до крајот на пандемијата, при што секој за себе треба да реши дали неговата жртва ќе е носењето маска, негрупирање, држење дистанца или пак жртвата ќе значи продолжување на здравствената и економска несигурност.

Тој повика претстојните слави и празници оваа година да ги прославиме само со најблиските и да нема групирања по домовите, за да сеспречи натамошно ширење на заразата со Ковид-19.

Според вчерашните податоци на сајтот „Ворлдметер“ во светот досега од Ковид-19 биле инфицирани 50.377.799 лица, од кои починале 1.258.066, а оздравеле 35.620.816.

Најнови вести