Поголема претпазливост и строго почитување на мерките – тоа е единствениот начин да се спречи ширењето на новиот британски сој на коронавирусот, предупредуваат лекарите. Микробиологот Никола Пановски вели дека постојат научни докази кои потврдуваат дека пренесувањето на заразата со овој сој е за околу 50% побрзо, пренесе АЛСАТ.
„Тоа значи дека ако имаме 10 луѓе тие ќе заразат 15. А, досега би заразиле 10. Тоа е огромна бројка. Масовните групирања би придонеле овој вирус кој побрзо се шири, полесно се лепи за нашиот нос, за слузницата на носот, би направиле нов пик, нови хоспитализации и нови смртни случаи. Значи, никако групирања, особено во затворен простор бидејќи тогаш ширењето е поголемо и би било поголемо од што беше во ноември.“
Според Пановски, за новиот сој на вирусот има податоци дека делумно покажува и поразлична клиничка слика.
„Недостасува симптомот губиток на вкус и мирис што го имаше кај претходниот. Значи, има некои податоци за различна клиничка слика, смртноста или е малку поголема или не. Иако, тој не е посмртоносен индивидуално, смртноста ја гледаме на голема група пациенти, ќе се зголеми и смртноста. Што повеќе болни, повеќе хоспитализации, повеќе смртни случаи.“
Во Македонија веќе беше регистрирана првата жртва од новата мутација на вирусот, а досега двајца пациенти се водат дека биле заразени од него. Поради опасноста од забрзаното ширење на вирусот, голем дел од европските земји воведуваат порестриктивни мерки и затвораат граници. Комисијата за заразни болести во земјава засега не препорачува нови мерки. Останува задолжителното носење маски, држењето на растојание и забраната за групирање, пренесе АЛСАТ.