Да се преземат повеќе мерки за заштита, да се контреолираат прекршувањата на правата за заштита на работниците, во Законот за работни односи прецизно да се дефинира што е работа од дома што ќе стане уште поактуелно наредните месеци, а владата да донесe посилни економски мерки, бараат од здружението „Достоинствен Работник“ кои ги анализираат состојбите со заштитата на работниците поради пандемијата. Со уште пет невладини го спроведуваат проектот „Одговор на социо-економските ефекти од Ковид-19 преку поддршка на ранливите групи, ниско платените работници, работниците од неформалната економија и повремено вработени“.
Според Рубинчо Аризанкоски, претседател на здружението „Достоинствен работник“ иако има предлози за дополнување на Законот за работни односи што треба да ги донесе новиот Парламент, не е прецизирана работата од дома.
– Предлозите мора уште повеќе да ја прецизираат работата од дома, правата на работниците, пензиското и здравственото осигурување, заштитата, а не да се третираат општо како домашни работници. Освен тоа не се прецизирани статусот и заштитата на домашните работници меѓу кои се негувателите, бебиситерите…, вели Аризанкоски.
Од здружението велат дека постои и незаконито отпуштање на работниците.
–Кога велам незаконито мислам на принудување на потпишување на спогодбен престанок на работниот однос, откажување на договор за вработување, буквално “од денес за утре”, како и колективни отпуштања спротивно на постапката регулирана со закон. Секоја одлука донесена спротивно на законот, може да биде основа за поништување на оваа одлука и враќање на работникот на работа, како и исплата на плата за периодот кога не работел, а би требало да работи, објаснува Аризанкоски.
Во овие шест месеци најмногу отпуштања има во угостителството, а не е полесна ситуацијата за културните работници.
–Работењето во небезбедни услови што особено го видовме во текстилната индустрија, исто така беше, и сѐ уште е проблем со кој се соочуваат голем број работници. Во ситуација кога во една работна средина ќе се добие информација дека некое лице е позитивно на вирусот, апсолутно нехумано и незаконито е останатите лица да бидат принудени да доаѓаат на работните места. Имено, согласно член 39, ст.2 од Законот за безбедност и здравје при работа работникот има право да одбие извршување на работа, доколку е изложен на непосредна опасност по здравјето или по животот, кога не се спроведени безбедносните мерки и да побара нивно отстранување. Во практиката лично јас можев да забележам дека одредени хронично болни лица, ослободени со владините мерки и препораки, беа принудувани да доаѓаат на своите работни места. Иако во помалку случаи, сепак забележано беше и принудување за доаѓање на работа на родител на дете до 10-годишна возраст и отпуштање од работа на оваа категорија на работници, рече Аризанкоски.
Невладината „Достоинствен работник“ бара посилни владини економски мерки, поголема инспекциска контрола при злоупотребите, особено на исплатата на минималната плата, а апелира работниците ништо да не прифаќаат без консултација со правно лице. Се бара итно формирање на локален социо-економски совет во Прилеп и функционирање на Младинскиот совет. Посочија и дека има отворено ковид-телефонски броеви на кои работниците може да ги пријавуваат неправилностите. (MИА)