Италијанскиот весник „Ла Верита“ денеска продолжува да објавува детали во врска со набавката која Македонија се обиде да ја направи за кинеските вакцини. Весникот објавува писма од министерот за здравство Венко Филипче адресирани до кинеската компанија „Синофарм“.
Во писмото на Филипче испратено на 25 јануари до „Синофарм“ се вели дека ја ослободува компанијата, односно Кина, од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината. Ова, според „Ла Верита“, е спротивно на многу меѓународни конвенции и претставува кршење на основната институционална мисија, а тоа е заштитата на здравјето на своите граѓани.
-Веќе е јасно дека лани во декември Кина добила барања, речиси во исто време, и од Македонија и од Црна Гора. Фактот што само вториве успеале да добијат вакцини, ни кажува дека со Скопје и комунистичкиот режим во Пекинг има мака да најде модалитет за соработка, со цел да биде заштитен од евентуални критики поврзани со менаџирањето на т.н. здравствена дипломатија“, пишува на „Ла Верита“.
„Ла Верита“ вчера објави дека авансот од кинеска страна за вакцините бил вратен бидејќи набавката требало да се изврши преку фантом фирма, со седиште во Хонг Конг, која немала стабилни темели, но имала големи финансиски депозити во германската „Дојче банк“.
Заев вчера потврди дека Владата соработувала со приватни фирми за набавка на вакцини против Ковид-19. Негираше дека имал лоши намери и незаконски дејствија, оправдувајќи ги постапките како начин на Владата час поскоро да дојде до вакцини, кои граѓаните се уште ги немаат. Тој рече дека Владата се обидела на секој начин да дојде побрзо до вакцини за граѓаните.
Писмата на Филипче до Пекинг, и тоа од 25 декември 2020 и од 25 јануари 2021 година, оделе преку фирмата „Старби интернешнл“ (Starbi International) во Хонг Конг. Фирмата е основана во 2017 година, не се знае колку вработени има, а нема медицинско ниту фармацевтско портфолио.