Преговорите меѓу Македонија и Грција, ситуацијата во Косово и случувањата во регионот, ќе бидат дел од темите за кои ќе разговараат и меѓусебно ќе се информираат премиерите на Грција, Бугарија и Романија и претседателот на Србија на денешната квадрилатерална средба во Букурешт, според грчката новинска агенција АНА-МПА.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас соопштуваат дека во фокусот на разговорите ќе се најде поддршката на европската перспектива на земјите од регионот, во пресрет на Самитот ЕУ- Западен Балкан, на 17 мај во Софија.
– Според владини извори, четворицата лидери ќе ги координираат нивните чекори во пресрет на Самитот во Софија, бидејќи ја поддржуваат европската перспектива на Западен Балкан, особено на Србија. Грчкиот премиер имаше предложено оживување на агендата од Солун за европската перспектива на Западен Балкан, предлогот беше прифатен, пишува грчката новинска агенција и додава дека на средбата ќе има „заемен брифинг за случувањата во регионот, за ситуацијата во Косово и преговорите за името“.
– Се очекува да се разговара и за прашањата за влијанието на трети држави во регионот, со цел да се обезбеди институционалниот процес за европската перспектива на Западен Балкан. Исто така, ќе се разгледаат прашањата за соработка на четирите земји во областа на инфраструктурата, енергијата, транспортот итн., пишува АНА-МПА.
Според соопштението од кабинетот на Ципрас, квадрилатералната средба ќе започне во16 часот, по што ќе следи прес – конференција и ќе заврши вечерва со официјална вечера.
(Миа)