Џезаир Шаќири може многу да помогне доколку се појават одредени екстремистички или радикални групи на територијата каде што живее, каде што го познава теренот, а може да помогне и во граењето на концептот „едно општество за сите“.
Ова го изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање во врска со назначувањето на Шаќири за негов советник за внатрешни безбедност и радикализам.
– Тој е граѓанин на Република Македонија. Во делот на севкупната ресоцијализација или консолидација во нашето општество и во врска со концептот едно општество за сите, јас не ги делам граѓаните на Македонија. Апсолутно верувам дека секој може да биде ангажиран некаде како соработник, некаде како советник, некаде директно вработен во јавните институции ако може да помогне, рече Заев по денешното рочиште за „Поткуп“.
Прашан зошто Шаќири не е ангажиран во Полициската станица во Танушевци, туку е назначен како советник, рече дека ако човек со минато како него биде во Полициската станица во Танушевци тоа може да предизвика и непријатни случувања.
– Знаеме дека во тоа време македонската полиција се бореше против луѓе кои беа поставени во борбата против македонската полиција и тој важи за еден од командантите. Верувам дека може да биде од директна помош на премиерот затоа што и себеси се сметам од првите носители на концептот „едно општество за сите“, а и еден од одговорните кој треба да водат грижа за државата за спречување на било каков екстремизам или радикализам, рече Заев.
На прашање каде ги остварувал средбите со Шаќири, Заев рече дека биле во Владата, каде пиеле кафе, разговарале и логично е тоа затоа што и тој е граѓанин на Република Македонија. (МИА)