понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Американците ја добија битката за мундијалски живот со Иран!

Американците ја добија битката за мундијалски живот со Иран!

Фудбалската репрезентација на Соединетите Американски Држави ја исполни целта, победи во клучната пресметка против Иран (0-1) и како второпласирана од Групата Б патува во осминафиналето на Светското првенство (СП) кое се игра во Катар.

Ова е трето Светско првенство во последните четири изданија на кои Американците ја минуваат групната фаза. Истото им успеа во 2010 и 2014 година, додека на СП 2018 во Русија не се квалификуваа. Избраниците на Берхалтер во осминафиналето вкрстуваат со репрезентацијата на Холандија, додека лидерот од групата Б, Англија, ќе вкрсти со Сенегал.

Иранците беа далеку од нивото на претходните средби и ја немаа онаа агресивност во нападот која им носеше шанси. Американците ја држеа топката уште од почетокот на натпреварот и имаа иницијатива кон голот на Беиранванд, но не можеа да го пробијат добро поставениот одбранбен бедем на азиската селекција.

Од првата сериозна шанса, Американците дојдоа до погодок. Се играше 38. минута кога Кристијан Пулишиќ се жртвува и изведе акробација во казнениот простор по која постигна гол, а потоа се судри со голманот и се повреди. Не можеше да го продолжи натпреварот поради ударот кој го доби во пределот на главата и на стомакот.

Пред финишот на првиот дел, Тимоти Веа успеа да се запише во листата на стрелците за 0-2, ама судиите го поништија голот поради офсајд. Одлуката беше точна, на пауза САД замина со плус од еден погодок, а вториот дел беше вистинско тактичко надмудрување. Имаше доста прекини, а Иранците немаа повторно зрела можност за да дојдат во позиција да стрелаат за реми кое ќе им донесеше нокаут-рунда. Конечно, првата можност за израмнување Иран ја имаше во 98. минута кога се бараше и пенал, но судијата Лахоз не реагираше на жестоките протести.