сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Бразилците и со втор тим се застрашувачки за Камерун

Бразилците и со втор тим се застрашувачки за Камерун

Бразил мина понатаму, ама не го завери првото место. Така, има за што да игра во последното коло на групата Г на Мундијалот во Катар. Веќе ја оправда улогата фаворит, се пласираше во осминафиналето, меѓутоа не му е баш сеедно на кој ќе налета во првата елиминациска етапа на турнирот. Затоа важно е да го сочува првото место и од лидерската позиција да го дочека Уругвај, Јужна Кореја или Гана, бидејќи прва во групата Х веројатно ќе заврши Португалија и не би било добро за „селесао“ веднаш да налета на потенцијална мина.

Предвидувањата се такви дека мечот со Камерун е единствениот на турнирот на кој селекторот Тите би можел да ги одмори носителите на играта и да пружи шанса на резервистите. И досега во првите 180 минути, добро ја распореди минутажата и употреби дури 19 фудбалери во стартните две кола, што значи дека седуммина не го почувствувале мундијалскиот дух. Во прашање се голманите Едерсон и Вевертон, како и Дани Алвес, Бремер, Фабињо, Евертон Рибеиро и Педро. Веројатно некој од нив ќе добие шанса со африканскиот ривал, иако е пологично е од првата минута да играат момците кои против Србија и Швајцарија влегуваа од клупата.

Предвидувањата се такви што би можел да брани Едерсон, десно да игра Дани Алвес (Данило е повреден), лево Алекс Тељес, стопери да бидат Милитао и Бремер, на средината се очекува Бруно Гимараеш кој блеска во Њукасл, со Фабињо. Напред би требало да тргнат Габриел Мартинели и Ентони на крилата, а Габриел Жезус и Родриго во средината. Тоа и натаму е силен тим, дури и без Винициус Џуниор, Ричарлисон, Касемиро, Лукас Пакета, повредениот Нејмар…

Бразилците во текот на историјата петпати играле со Камерун и ги победиле четири пати. Од тоа на Мундијалите двапати со по три разлика. Прво во САД 1994 година (3-0), потоа и на свој терен 2014 кога беше 4-1. Измеѓу имаат една победа на Купот на конфедерациите пред 19 години (2-1) и во пријателска средба во ноември 2018 кога славеа со 1-0.

Камерун единствено го совлада Бразил на Купот на Конфедерациите во 2003 година. Мечот се играше на „Сен Дени“ и беше 1-0 за африканците, на кои сега им е потребно славје за пласман понатаму. Тимот на Ригоберт Сонг ќе биде учесник на елиминациската фаза ако го победи Бразил, а Швајцарија и Србија одиграат нерешено или пак ако „орлите“ слават, а Камерунциите имаат подобра гол-разлика.

Против Швајцарија во одредени делови од мечот Камерун покажа дека знае да се брани, во дуелот со Србија дека не губи глава и кога губи (од 1-3 до 3-3) и ќе биде интересно да се види дали Сонг ќе го промовира во стартер Винсен Абубакар кој даде два гола против Србите. Извесно е дека ќе брани Дејвис Епаси, бидејќи поради судир со селекторот од тимот замина првиот голман Андре Онана.