вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

ФИФА предвидува дека Светското првенство ќе го следат повеќе од пет милијарди луѓе

ФИФА предвидува дека Светското првенство ќе го следат повеќе од пет милијарди луѓе

Со натпреварот меѓу домашната селекција на Катар и Еквадор во Ал Кор во недела од 17 часот почнува 22. Светско фудбалско првенство.
Најскапото првенство, во чија инфраструктура Катар инвестираше повеќе од 300 милијарди евра, според Меѓународната фудбалска асоцијација ФИФА, ќе биде најдоброто досега.

На Мундијалот ќе учествуваат 32 репрезентации поделени во осум групи. Натпреварите ќе се играат на осум стадиони кои се во радиус од 50 километри. Титулата ја брани Франција, а кој ќе биде новиот светски првак ќе се знае на 18 декември во Лусаил.

Во А-групата се Катар, Еквадор, Сенегал и Холандија, во Б-групата Англија, Иран, САД и Велс, во Ц-групата Аргентина, Саудиска Арабија, Мексико и Полска, во групата Д Франција, Австралија, Данска и Тунис, Е-групата Шпанија, Костарика, Германија и Јапонија, Ф-групата Белгија, Канада, Мароко и Хрватска, во Г-групата Бразил, Србија, Швајцарија и Камерун и во H-групата Португалија, Гана, Уругвај и Јужна Кореја . Двете најдобри репрезентации од секоја група го продолжуваат натпреварувањето во елиминации, од осминафиналето.

Многу фудбалски стручњаци сметаат дека е дојдено време за јужноамериканска прослава, прва по 2002 година, кога титулата ја освои Бразил, кој е и главен фаворит кај обложувалниците. Првата ѕвезда на Бразилците, Нејмар најави дека ова би можело да му биде последно Светско првенство, бидејќи на следното, во 2026 година во САД, Мексико и Канада, ќе има 34 години.

– Сакам да играм, целосно да се посветам на ова Светско првенство бидејќи можеме многу далеку. Иако многу луѓе не веруваат во нас, ние ќе го докажеме спротивното. Овој тим има многу добри работи и може многу далеку да стигне – изјави Нејмар за Франс прес.

Две од преостанатите големи ѕвезди, кои со своите репрезентации се на самиот врв на фаворитите, се Французинот Килијан Мбапе и Аргентинецот Лионел Меси. Двајцата се напаѓачи во редовите на францускиот шампион Пари Сен Жермен. Францускиот тим е полн со извонредни играчи. Французите се поставени како втори фаворити на кадилниците и би можеле да бидат првиот тим што ќе ја одбрани титулата, по Бразил во 1962 година. Катар би можел да биде последното Светско првенство за Кристијано Роналдо во редовите на репрезентацијата на Португалија, од која се очекува и борба за самиот врв.

Покрај Бразил и Франција, меѓу главните фаворити се Шпанија, Германија, Холандија, Белгија и Данска, како и актуелниот светски вицешампион Хрватска, за која многумина веруваат дека сега има подобар состав од пред четири години во Русија.

Фудбалските стручњаци сметаат дека поради необичниот тајминг на турнирот во ноември и декември, за прв пат во историјата на светските првенства, може да има многу изненадувања.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино очекува пет милијарди луѓе да го гледаат првото Светско првенство на арапско тло. Последното Светско првенство во 2018 година во Русија го следеа тогаш рекордни 3,57 милијарди луѓе.

– Сите оние кои ја следат истата страст, се чувствуваат исто, знаат дека фудбалот ја има оваа обединувачка моќ – рече Инфантино, кој неодамна испрати писма до сите учесници во кои ги повикува „да се фокусираат на фудбалот и да не се занимаваат со политички и други проблеми кои моментално го измачуваат светот“.