Баерн Минхен ја запиша првата победа во второто коло во Бундеслигата, но тоа го оствари на доста драматичен начин иако се очекуваше да има рутинска задача.
Јулијан Нагелсман се уште ги нема подредено коцките во својот тим како што се очекува, па мораше да се потпре на инспирацијата на Серж Гнабри за да се израдува на првата победа во домашното првенство како тренер на баварскиот великан.
Младиот стручњак со голема еуфорија ја прослави „бомбата“ на Гнабри со кој беше решен победникот на „Алијанц арена“, стадион на кој гледавме трилер меч во вториот дел.
Првото полувреме донесе разочарувачки 0:0, но во вторите 45 минути видовме дури пет гола, од кои последниот на Гнабри беше убедливо најубав.
Левандовски го отвори резултатот по феноменалната минијатура на Мусиала, Гнабри зголеми на 2:0 во 59-та минута, но Келн се врати со два брзи гола во 120 секунди преку Модесте и Ут.
По 62 минути игра, на семафорот стоеше 2:2, па Баерн мораше да тргне и по трет гол, кој беше постигнат благодарение на расположениот Гнабри кој испрати неодбранлив удар во 71-та минута за голема радост на клупата кај тренерот Нагелсман.