Фудбалерите на Интер вчера ремизираа на свој терен во дербито со Јувентус (1:1).
Интер до предност дојде во 17. минута кога Чалханоглу ја погоди пречката со одличен удар, а одбиената топка дојде до Џеко кој ја смести во мрежата. Изгледаше дека актуелниот шампион ќе дојде до победа против големиот ривал, но „старата дама“ во финишот дојде до изедначување.
Судијата после прегледувањето на ВАР досуди пенал за гостите иако домаќините жестоко протестираа. Одговорноста ја презема Паоло Дибала кој ги постави конечните 1:1.
Тренерот на домаќините, Симоне Инзаги во таа ситуација поради протестирањето заработи и црвен картон.
„Единствениот начин Јувентус да изедначи беше тој пенал. Разочаран сум затоа што ние го контролиравме натпреварот од самиот почеток и ништо не му дозволивме на Јувентус. Судијата беше блиску и можеше сам да види што се случува, немаше потреба реакција од ВАР. Игравме одлично и разочаран сум што не победивме. Мојот потег после таа одлука не беше добар, но не можев да се воздржам“, изјави Инзаги.