Фудбалерите на Барнли се вратија во англиската Премиер лига по само една сезона помината во втората лига. Во натпреварот од 40. коло на Чемпионшип како гости го совлада Мидлсброу со 2:1, а на шест кола пред крајот на првенството обезбеди едно од првите две места кои обезбедуваат директна промоција во првиот ранг на англискиот фудбал.
Головите за Барнли ги постигнаа Ешли Барнс во 12. и Конор Робертс во 66. минута, додека стрелец за Мидлсброу од пенал во 48. минута беше Чуба Акпом.
Со оваа победа Барнли стигна до 87 бода, 19 повеќе од третиот Лутон Таун и 20 од четвртиот Мидлсброу, а тие две екипи до крајот на шампионатот можат да освојат максимални 18 бода.
Со пласманот на Барнли во Премиер лигата, Македонија повторно добива свој претставник меѓу елитата на Островот, со оглед на тоа дека за новиот премиерлигаш настапува Дарко Чурлинов.
Македонскиот репрезентативец не играше премногу оваа сезона пред се поради проблеми со повредите, но се очекува до крајот на сезоната да добие поголема минутажа бидејќи во клубот приситигна по инсистирање и како желба на тренерот Винсент Компани.