Македонската фудбалска репрезентација успеа да победи со 0:1 против Италија, што беше доволно за да се пласираме во големото финале, каде за ривал ја имаме Португалија.
Македонската нација е и повеќе од горда на македонските фудбалери кои како лавови и душата и срцето ги оставија на теренот и покажаа дека волјата и амбицијата која ја имаат може да го сруши дури и актуелниот европски првак и четирикратен светски првак – Италија.
Несомнено сега ЦЕЛИОТ СВЕТ дозна за Македонија и дека толку МАЛА земја има толку ГОЛЕМО СРЦЕ.
Репрезентативецот Висар Муслиу без кого целата екипа не би била целосна, како и во претходните натпревари така и во вчерашниот натпревар со Италија ја покажа неговата подготвеност и професионалност и дека е рамо до рамо со најголемите светски фудбалски ѕвезди. Во изјава за Курир, Муслиу ни откри како се чуствува, кои емоции преовладуваат и какви очекувања имаат од натпреварот со Португалија.
– Да го победиш европскиот првак на домашен терен не е мала работа и затоа чувството е прекрасно, нешто што не може да се опише со зборови. Но се уште не е завршено и мора да гледаме напред кон тоа што ни следи, а тоа е натпреварот со Португалија. Ваква прилика може да се случи еднаш или никогаш и затоа ние како тим не одиме само да го одиграме натпреварот, одиме и да ги победиме. Имаме квалитет, карактер и победнички менталитет, тоа ја краси нашата репрезентација и одиме на победа во Португалија, изјави Муслиу за Курир.
Македонската фудбалска репрезентација ќе го одигра финалниот натпревар во баражот за Светското првенство на 29-ти март (Вторник) во Португалија.
Момци, цела Македонија е со вас!
Среќно!
М.А.