сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Операцијата Роналдо се ближи кон крајот: Јувентус ја продава својата голема ѕвезда, Португалецот бара куќа во Торино

Операцијата Роналдо се ближи кон крајот: Јувентус ја продава својата голема ѕвезда, Португалецот бара куќа во Торино

Кристијано Роналдо е главна тема овие денови, тој дури успеа малку и во сенка да го стави Мундијалот во Русија. Веќе е извесно дека тој Мадрид ќе го замени со Торино и ќе го засили европскиот великан Јувентус.

Парите за трансферот Јувентус ќе ги обезбеди со продажбата на Даниеле Ругани и големата ѕвезда Гонзало Игуаин. Голем дел од парите за Португалецот ќе дојдат токму од Аргентинецот. За Игуаин заинтересиран е Челзи, а ако што тврди Спортмедиасет договорот за негов трансфер е постигнат денеска.

Јувентус ја прифатил понудата од 60 милиони евра за него од лондонскиот клуб, а преостанува уште да се договорат играчот и клубот. Инаку, Игуаин е најплатен фудбалер во Серија А со 7.5 милиони евра годишно, што секако не е сума која ќе претставува проблем за Роман Абрамович.

Ла Стампа пишува дека во наредните денови ќе биде одржан состанок меѓу претставниците на Јувентус и агентот на Роналдо, Жорж Мендеш, кога ќе почнат и преговорите со Реал Мадрид на база од 100 милиони евра.

Кориере Дело Спорт пак пишува дека Роналдо потпишал приватен договор со Флорентино Перез за драстично намалување на клаузулата што секако Јувентус ќе настојува да го искористи.

Операцијата Роналдо, сметајќи ги парите за трансферот и платата, Старата дама ќе ја чини околу 300 милиони евра. Весникот Ил Месаџеро наведува дека клучна улога во оваа инвестиција ќе има компанијата Ексор, која е во сопственост на семејството Ањели, кои се и сопственици на Јувентус. Најдобриот фудбалер на светот би заработувал 30 милиони евра годишно или 120 милиони за четири години, а повеќе од половина плата според овој италијански весник би ја покривал токму Ексор.

Голем број светски медиуми јавуваат дека Роналдо веќе барал куќа во Торино.