Ралф Рангник ќе стане нов менаџер на Манчестер Јунајтед и со себе носи една сосема поинаква филозофија. Творецот на модерниот германски фудбал „гегенпресингот“, ќе се обиде да ги имплементира своите идеи и во раштиманиот тим на Јунајтед, но како во сето тоа ќе се вклопи Роналдо?
Португалецот носи голови, но пречесто му замеруваат дека со своето незалагање во одбраната и одмага на екипата. Фудбалот на Рангник се заснова на висок пресинг, многу трчање, во што ќе мора да учествува и Роналдо.
Англиските медиуми веќе неколку дена се занимаваат со оваа тема и не им беше тешко да ги пронајдат зборовите на Рангник од пред пет години, кога Роналдо за него веќе беше „стар“.
На прашањето дали Роналдо или Меси би можеле да играат во неговиот РБ Лајпциг, Рангник во 2016 година одговори:
„Би било апсурдно да се мисли дека би функционирало. Двајцата се престари, а и прескапи“, изјави тогаш Рангник.
Исто така, медиумите како „одговор“ ги најдоа и зборовите на Роналдо, кој не крие дека некогаш не е загрижен ако на неговиот тим му е потребна помош во одбраната.
„Знам дека на мојот тим му е потребна помош во дефанзивата. Но, мојата задача е да постигнувам голови, да помогнам екипата да победи, но одбраната исто така е дел од мојата игра. Ако луѓето не можат да видат каков сум како играч, тоа не ме допира. Имам 36 години, ги освоив сите можни трофеи и нема да се осврнувам на коментари за мојата игра. Мирно спијам навечер“, изјави Роналдо неодамна.
Се поставува логичното прашање – како Рангник и Роналдо сега ќе се најдат на истата страна, бидејќи англиските медиуми веќе сега пишуваат за директен судир на филозофиите и различното сфаќање на играта во одбраната.