Кристијано Роналдо, зборуваше за клупската телевизија и се присети на периодот кога заедно со Сер Алекс Фергусон ги испишуваа некои од најсветлите страници во поновата историја на „Црвените ѓаволи“.
Фергусон беше на клупата на Јунајтед кога Роналдо како тинејџер пристигна во клубот и токму благодарение на шансата која му ја даде Шкотланѓанецот тој стана она што е денес.
„Замислете, имате 18 години, доаѓате од Спортинг Лисабон и играте со ѕвезди како што се Гигс, Сколс, Кин, Солскјер. Бев малку нервозен, но Фергусон во тој период многу ми помогна да се поврзам со останатите играчи. Се сеќавам дека повремено ме викаше во својата канцеларија и дека на почетокот комунициравме преку преведувач. Тоа не беше никаков проблем. Главата работа беше она што Фергусон ми го кажуваше, ми помагаше да растам како на фудбалски, така и на личен план. Ми помагаше од првиот ден и направи се што кажа. Секогаш велам дека Фергусон ми е како татко во фудбалот“, изјави Роналдо за клупската телевизија.
Не е тајна дека Фергусон одигра важна улога кон помалку изненадувачкото враќање на Роналдо на „Олд Трафорд“ кон крајот на преодниот рок во моментите кога беше извесно дека Португалецот ќе се пресели во Манчестер Сити.