Поради непрофесионалниот потег на натпреварот против Тотенхем, Кристијано Роналдо е исфрлен од првиот тим на Манчестер Јунајтед и нема да биде во протоколот за саботното дерби со Челзи во Премиер лигата.
Португалскиот ас, видно разочаран што остана на клупата за резерви, предвреме го напушти тревникот на „Олд Трафорд“, а тоа предизвика бурни реакции кај фановите, по кои мораше да реагира англискиот гигант. Роналдо во наредните денови ќе биде надвор од тимот. Тој ќе го пропушти дуелот со Челзи и ќе тренира сам во тренинг центарот на Јунајтед. После сè што се случи, „седумката“ на Јунајтед реши да проговори. Тврди дека е истиот човек и професионалец како што бил во сите дваесет години и дека причината за сè е само „жешката глава“.
„Како што тоа го правев во текот на цела моја кариера, живеам и играм со почит кон колегите, противниците и тренерите. Тоа не се промени. Не се сменив. Јас сум истата личност и професионалец како и во претходните дваесет години, играјќи елитен фудбал. Почитувањето секогаш игра многу важна улога во одлучувањето. Почнав многу млад, а постарите и најискусните играчи секогаш ми беа пример. Секогаш се трудев да бидам пример за младите во тимовите во кои играв. За жал, тоа не е секогаш можно, а понекогаш „жешката глава“ те надвладуваат. Да се откажеме под притисок не е опција, никогаш не било. Ова е Манчестер Јунајтед и заедно мора да истраеме. Наскоро повторно ќе бидеме заедно“, изјави Роналдо.