Нашето Косово беше во војна со Србија, затоа натпреварот со Србите ќе биде посебен, порачува Швајцарецот со албански корена Џердан Шаќири, додека неговиот соиграч исто така роден на Косово, Гранит Џака вели дека против Србија на Светското првенство ќе играат до граница на болка.
Шаќири во најавата за претстојното Светско првенство во Русија, каде Србија и Швајцарија се во иста група, објаснува дека дуелот меѓу тие две репрезентации за него ќе биде посебен.
-Многу се зборува за тој натпревар, многу го поврзуваат со политика. Тоа е во некоја рака нормално затоа што неколку мои колеги и јас сме од Косово, и нашата земја беше во војна со Србија. Меѓутоа, мене во Русија ме интересира само да победиме, ќе биде за мене тоа само фудбалски натпревар, вели Шаќири.
Тој верува дека репрезентацијата на Швајцарија ќе биде најголемо изненадување на Мундијалот.
-Ја имаме една од најтешките групи на првенството, но верувам дека ќе преживееме. После тоа се ќе биде отворено и кој знае до каде можеме да стигнеме. Нема да прогнозирам до кај можеме, но со малку среќа можеме да бидеме најголемото изненадување на турнирот, истакнува Шаќири.
После него не заостанува ниту Џака, кој најавува дека во дуелот со Србија ќе гризе.
-Бразил е фаворит, тоа им е јасно на сите, но не одиме во Русија да им ги препуштиме бодовите. Ќе мораат да ги заработат на теренот. Србија ќе биде многу непријатен противник. Ништо не можам да ветам, освен дека ќе играме до границата на болка! Има да кинеме и да гриземе до победа, тврди Гранит Џака, човекот роден на Косово.