Тренерот на германскиот шампион Баерн Минхен, Јулиан Нагелсман, изјави денеска дека добил смртни закани, откако баварскиот клуб беше елиминиран во вторникот од Виљареал во четвртфиналето од Лигата на шампиони.
-Знам дека секогаш ќе бидам критикуван од сите страни, тоа е нормално и можам да се носам со тоа. Но со 450 смртни закани на Инстаграм, тоа не е нормално, изјави тренерот на Баерн на прес-конференција пред неделниот бундеслигашки дуел против Арминија Билефилд.
-Ако луѓето сакаат да ме убијат мене, тоа е една работа, но ја напаѓаат мојата мајка, која воопшто не се разбира во фудбал. Тоа не можам да го разберам. Штом го изгаснат телевизорот луѓе забораваат на пристојноста. И што е најлошо, мислат дека се во право, додаде Нагелсман.
Тој е втор член на раководството на Баерн на чија адреса оваа недела беа упатени смртни закани. Сопругата и синот на спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ објавија дека изминатите два дена, исто така, добивале закани по својот живот. (МИА)