Фризерот на португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо е пронајден мртов во соба во еден хотел во Цирих, пренесуваат во неделата португалските и шпанските медиуми.
Четириесетгодишниот Рикардо Маркес Фереира е пронајден во кревет во локва крв, а сѐ упатува на тоа дека е избоден со нож, објавија весниците Correio de Manha и ABC.
Безживотното тело го пронашла вработена во хотелот. Според неа, во собата се чувствувал силен мирис на алкохол.
Весникот ABC наведува дека Фереира имал договорен состанок со „еден пријател“ во хотелот, кој завршил со кавга и убиство.
Фереира, роден на португалскиот остров Мадеира како и 34-годишниот фудбалер на Јувентус и на португалската репрезентација, последните две години живеел во Цирих.
Во хотелот престојувал една седмица, па медиумите нагаѓаат дека можеби бил вмешан во тамошното подземје, имајќи предвид дека престојувал во дел од градот познат по проституција и продажба на дроги. Полицијата засега не исклучува ниедна од претпоставките.
Фереира бил познат во Португалија, бидејќи освен за Роналдо работел и за многу португалски актери и пејачи.