Управниот одбор на ФФМ на својата денешна седница донесе одлука да ја прифати замрзнатата табела од Првата македонска фудбалска лига за конечна со што го прогласи Вардар за фудбалски шампион на Македонија за сезоната 2019/2020.
„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот од Комисијата за натпреварување во однос на замрзнатата табела на МФЛ од натпреварувачката сезона 2019/2020 година по одиграно 23. коло од Прва МФЛ и 17. коло од Втора МФЛ со која првопласираните екипи од Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад се промовирани во Прва МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/2021 и ФК Вардар како првопласиран тим во натпреварувачката сезона 2019/2020. Иако, како првопласираната екипа, ФК Вардар доби можност да учествува во квалификациите од УЕФА Лига на Шампиони, поради недобиената лиценца за УЕФА натпреварувања, ФК Вардар нема можност да го искористи правото кое му следува како првопласирана екипа за натпреварувачка 2019/2020“ – се вели во соопштението од ФФМ.
Меѓу останатите одлуки, Управниот одбор на ФФМ го усвои календарот за натпреварувачката сезона 2020/2021. Согласно календарот за натпреварување, Прва МФЛ ќе започне на 9. август 2020 година, додека на 22. август ќе стартува новата сезона од Втора МФЛ. Шеснаесет финалните натпревари од Купот на Македонија ќе започнат на 23. септември 2020. Управниот одбор на ФФМ донесе одлука летниот преоден рок да трае цели дванаесет седмици, односно летниот преоден рок ќе заврши на 6. септември 2020 година.
Управниот одбор на ФФМ донесе и одлука за промена на терминот на одржување на Редовното Годишно Собрание на ФФМ. Доколку условите дозволуваат, 12. јули 2020 година ќе биде датумот на одржување на Редовното Годишно Собрание на ФФМ.