На два дена пред официјалниот старт на подготовките на сениорската репрезентација, новиот селектор Драган Бајиќ на едно место ги собра „младите“ кошаркари на Македонија, на возраст од 17 до 23 кои се потенцијални членови на националниот тим.
Целта е да се запознае со нивните квалитети, а некои од нив можат да се најдат на списокот за претстојните претквалификации за Светското првенство. Од оние кои присуствуваа на денешниот прв тренинг, има и кошаркари кои веќе забележале деби за сениорската репрезентација или биле во составот на еден официјален натпревар, како Виктор Ефремовски, Теодор Симиќ и Андреј Митревски, а има и такви што веќе тренираа со сениорите како Марко Миловановиќ и Леонид Тодоровски.
На прозивката присуствуваа, но не тренираа Савичевиќ, Јакимовски и искусниот Стојан Ѓуроски. Тројцата се повредени и неизвесно е дали ќе настапат во претстојните претквалификации. Поканата на Бајиќ не ја прифатија Михаил Наумоски и Дино Боцевски.
„Сакав да ги видам сите кошаркари кои ги имаме моментално на располагање, а се дел од репрезентативните селекции. Во овие два дена, односно неколку тренинзи ќе го дефинираме списокот на сите кошаркари на кои од нив би можел да сметам за работа во сениорскиот национален тим. Веќе имав консултации со моите колеги кои се предводници на селекциите ‘Под18’ и ‘Под 20’ години. Сакав и го слушнав и нивното мислење, што секако многу ќе ми значи,, особено во изборот на оние играчи кои ќе бидат дел и од сениорскиот тим. Односно дел од нив да биде и награден за вложувањата, за напорите и енергијата која досега ја вложиле во периодот на подготовките“, изјави Бајиќ за интернет страницата на КФСМ.
На денешниот тренинг работеа: Максим Митевски (МЗТ Скопје Уни Банка), Димитар Иванов (МЗТ Скопје Уни Банка), Андреј Андоновски (МЗТ Скопје Уни Банка), Леонид Тодоровски (МЗТ Скопје Уни Банка), Лејсон Зекири (МЗТ Скопје Уни Банка), Виктор Ефремовски (Работнички), Валмир Какруки (Навико Академија ФМП), Андреј Настовски (Црн Дрим), Андреј Митревски (ТФТ), Иван Волкановски (Куманово 2009), Оливер Двојаковски (Навико Академија ФМП), Теодор Симиќ (Барселона-Шпанија), Марко Миловановиќ (Јуви Кремона-Италија), Рубин Стефанов (Крабс Баскет Римини-Италија).
Тие ќе одржат четири тренинга, а дел од нив ќе се приклучат на работата на сениорите кои се собираат в понеделник од 10 часот.