Македонскиот селектор Драган Бајиќ со пораз дебитираше вечерва на кошаркарските мундијалски претквалификации, откако Швајцарија нe победи во СЦ „Јане Сандански“ со 67-62.
„На тренингот почувствував некоја нервоза во тимот и поради тоа сметам дека дојдовме до некои грешки во играта, а тоа што вечерва го забележав е дека влеговме во некој огромен грч поради кој останавме без енергија и без сила, а со самото тоа и – без концентрација. Имавме многу промашени зицери, сигурно некои 8-9 лесни поени, седум промашени слободни фрлања, што можеби на крајот и беше пресудно кога во вториот дел успеавме да ја намалиме разликата. Но, и покрај тоа правевме грешки, не се снаоѓавме добро со нивната одбрана. Не губиме многу со овој пораз, треба да се анализира натпреварот, да се регенерираме и да се обидеме да ги победиме преостанатите натпревари“, изјави Бајиќ по мечот.