Светската кошаркарска федерација (ФИБА) ги објави имињата на сите млади играчи кои ќе бидат во конкуренција за наградата која му припаѓа на најдобриот млад играч, а тука се најде и српскиот репрезентативец, Никола Јовиќ.
Нему друштво му прават уште Џош Гиди од Австралија, Американецот Паоло Банкеро, Усман Гаруба и Хуан Нуњез од Шпанија, како и Жан Монтеро од Доминиканската Република.
Сите овие играчи прикажаа одлични партии за своите репрезентации и оваа „трка“ ќе биде навистина интересна. Се претпоставува дека наградата ќе замине кај играчот кој ќе има најдолг престој на турнирот, а според најавената листа, најголеми шанси за ова признание има Србинот Никола Јовиќ, кој досега забележа просек од 11,2 поени, 2,6 скока и 3,4 асистенции по натпревар.
Најдобриот млад кошаркар на Светското првенство ќе биде прогласен веднаш по завршувањето на финалниот натпревар, кој е закажан за 10 септември, со почеток во 14:40 часот по македонско време.