Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром загуби од дебитантот во АБА 2, Цедевита Јуниор со 79-92 и му овозможија на хрватскиот тим да ја запише својата прва победа во историјата на оваа лига.
Македонскиот првак го диктираше темпото во првите осум минути, водеше и со 12-6, а последен пат беше во водство со 22-20. Цедевита Јуниор потоа направи серија од 10-0 за да го преземе водството кое не го испушти до крајот на мечот.
На средина од втората четвртина првпат имаше двоцифрена разлика во своја корист (42-30), а на две минути пред крајот на полувремето, Хрватите поведоа со 55-34. Во натамошниот дел од мечот, МЗТ Скопје ниеднаш не ја симна негативата на едноцифрена вредност.
Војдан Стојановски со 16 поени беше најефикасен во редовите на македонскиот шампион, Расел постигна 14, а Ворку 12. Шанса да го заборави овој меч, МЗТ Скопје ќе има в петок во првото македонско дерби оваа сезона во АБА 2 лигата, против Пелистер.