Голем број просветни работнци во Албанија одбиваат да се вакцинираат со вакцината на АстраЗенека, поради, како што велат, нејаснотиите околу ефектите од неа.
Претседателката на Синдикатот на образованието Алма Лама, гостувајќи во емисијата „Real Story“, на Њуз24, изјави дека ним не им се јасни несаканите ефекти од вакцината, по сомневањата дека предизвикува згрутчување на крвта.
Таа побара од надлежните да не брзаат, туку „да почекаат, како што прават многу европски земји“.
-Она што нè загрижува како синдикат, врз основа на телефонските повици упатени од наши членови, е што наставниците читаат и слушаат вести од некои официјални и неофицијални извори. Тие не се против вакцината, но сметаат дека треба да почекаме, зошто да брзаме, кога некои европски земји чекаат, изјави Лама.
Додава дека друга нивна забелешка е зошто вакцинацијата се спроведува во училишни спортски сали.
-Следно што го забележуваме е зошто мора да се вакцинираат во овие услови, односно во училишни спортски сали, каде не е обезбедена хигиена. Поради овие две причини голем број наставници одбиваат да се вакцинираат, рече таа.
Вакцинацијата на просветните работници почна во саботата во Тирана а од понеделникот на целата територија на земјата, откако во петокот прстигнаа 38.400 вакцини на АстраЗенека. Колкав е бројот на имунизирани лица од оваа категорија нема а според Министерството за здравство, од 11 јануари кога почна овој процес, досега, вакцинирани се над 30 илјади, главно здравствени работници.