Министерката за здравство, Огерта Манастирлиу на денешната пленарна седница на албанскиот парламент изјави дека во земјата досега не е регистриран ниту еден случај на новата делта варијанта на Ковид-19.
Мешутоа, таа упати апел до граѓаните за поголема внимателност затоа што, како рече, опасноста постои, бидејќи веќе има заразени во регионот.
-Точно е дека состојбата во нашата земја има позитивни показатели 15 недели наназад, со постојан пад на истите. Но, постои опасност, заради новата делта варијанта, идентификувана во земјите од регионот. СЗО предупредува на загриженост поради оваа нова варијанта, која се шири многу побрзо. Затоа, потребна е максимална грижа, порача таа.
Барајќи поддршка од пратениците за договорот за набавка на дополнителни дози вакцини од Фајзер, таа направи пресек на процесот на имунизација.
-Албанија минува низ стабилна ситуација предизвикана од Ковид-19. Ова е одраз на масовната вакцинација и мерките што ги спроведовме. Реализиравме два отворени дена за вакцинација на лица над 18-годишна возраст. Се движиме со добро темпо. До сега вакцинирани се вкупно 968.034 лица, од нив 403.504 се ревакцинирани. Денеска на Собранието му предлагаме да изгласа уште еден договор за вакцини, со компанијата Фајзер каде ќе обезбедиме над милион дози, рече Манастирлиу.
Информираше дека почнувајќи од денеска полицискиот час се скратува за еден час и почнува на полноќ и ќе трае како и до сега до шест часот, но останува мерката за забрана на музика во барови и ресторани по 22:00 часот.
Се дозволува на спортски натпревари, театарски претстави, културни настани и конференции присуство на посетители со присуство од 30 отсто од капацитетите.