сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Два нови мега центри за вакцинација во Атина

Два нови мега центри за вакцинација во Атина

Спортската сала за мечување во јужниот и објект за саем во западниот дел на Атина, од денеска почнуваат со работа како два нови мега центри за имунизација во кои има по 96 пунктови за вакцинација, јави дописничката на МИА од Атина.

За почеток, ќе работат со половина од капацитетите, а целта е да се олесни и забрза операцијата „Слобода“ во конкретните атински општини.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас на вчерашната редовна прес конференција рече дека процесот на имунизација во земјата се одвива регуларно, досега се спроведени 1.691.000 вакцинации, од кои 1.088.000 граѓани се вакцинирани со првата доза, а 602.000 ја примиле и втората доза.

Процесот на имунизација во Грција, моментално е отворен за лица од 60 до 64 години, за граѓани над 70 години, за лица до сериозни хронични болести, како и за здравствените работници, додека пак од утре ќе започне пријавувањето за старосната група од 65 до 69 години.

Новите центри за вакцинација ги посетија грчката претседателка Катерина Сакеларопул вчера и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во саботата.

Мицотакис, при неговата посета рече дека очекувањата се до крајот на април, најдоцна до почетокот на мај да бидат вакцинирани сите граѓани над 60 години и оние со сериозни болести.