Во Грција им се врачени 5.895 суспензии на здравствени работници кои не се вакцинирани, а работат во болниците, во согласност со законот кој стапи на сила на 1 септември, пренесува Катимерини.
Претходно вчера, Комисијата за суспензии на највисокиот административен суд во земјата ги отфрли жалбите на лекарите, медицинските сестри и другиот болнички персонал, кои побараа суспензија на одлуката на владата.
Со законот кој стапи на сила вчера од сите вработени во националниот здравствен систем се бара да се вакцинираат против ковид-19, или, ако одбијат, ќе бидат суспендирани.
Уште првиот ден се врачени, или се во процес на врачување, речиси 5.900 суспензии.
Посебна жалба е законот да се стави надвор од сила, која ја поднесе Панхеленската федерација на вработени во јавните болници, и ќе биде разгледувана на пленарна седница на судот на 8 октомври.